Во организација на Џудо федерацијата на Македонија, а со техничка поддршка од ЏК „Сеишин“ од Прилеп, во неделата, на 8 март во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп се одржаа Државните првенства во џудо во пионерска и во сениорска конкуренција.
Првенствата ги отвори претседателот на ЏФРСМ, Владимир Трпаноски, но натпреварите се одржаа без публика поради препораките од Владата и од Министерството за здравство за превентива од корона вирусот.
Сепак, беа ангажирани служби од полицијата, прва помош, противпожарна единица и агенција за обезбедување.
Право на учество на првенствата имаа џудисти родени 2005 година и постари, кои се регистрирани во ЏФСМ во 2020 година и имаат заверен лекарски преглед.
На натпреварот учествуваа вкупно 161 натпреварувач, од кои 82 пионери (52 во машка и 30 во женска конкуренција) и 79 сениори (55 во машка и 24 во женска конкуренција).