Под мотото „Засади дрво“ македонските џудисти и вљубеници во оваа благородна вештина ќе го одбележат Светскиот ден на џудото и роденденот на неговиот основач, Џигоро Кано.

Со оваа повеќе еколошка, од спортска порака уште еднаш се покажува дека џудото е многу повеќе од спорт.

„Планетата земја е во опасност. Научниците и експертите низ целиот свет се согласуваат дека доколку не се направи ништо, нашиот заеднички дом, а со тоа и ние, жителите на оваа земја нема да имаме загарантирана иднина. Токму поради тоа Меѓународната Џудо Федерација сака да придонесе кон заедничкиот напор да се обезбеди подобра иднина за нашите деца“ – се вели во дописот од Џудо федерацијата на Македонија.

Денес, повеќе од 40 милиони луѓе практикуваат џудо низ целиот свет. Ова потенцијално претставува голем број на дрва што можат да се засадат на сите страни од платетата земја. Знаејќи дека годишните времиња не се исти насекаде во исто време, Интернационалната џудо федерација го започнува овој голем проект сега со цел да им овозможи на сите да бидат вклучени. Исто така, свесни за симболичното значење на ваквата програма, ИЏФ ги поканува сите да земат учество и да ги едуцираат најмладите за зачувувањето на нашата животна средина.

Во глобалната прослава на Светскиот ден на џудото се вклучува и нашата федерација. Според предвиденото, в недела, 27. октомври со почеток од 11 часот ќе бидат засадени дрвца на локацијата Селце – Манастир во Прилеп.

Од Федерацијата апелираат до сите џудо клубови, џудисти и вљубеници во џудото да се вклучат во одбележувањето на овој ден со засадување на садници во своето место на живеење.