Нов претседател на Џудо федерацијата на Македонија е Владимир Трпаноски, поранешен џудист, долгогодишен активен член на Федерацијата, етаблиран професионалец во деловното окружување и актуелен комерцијален директор на „Витаминка“ АД – Прилеп.

Така решија делегатите на  втората седница на Собранието на Федерацијата што се одржа на 18 септември во Прилеп. На седницата на Собранието, од вкупно 23 редовни членки, учество земаа 39 делегати од 21 џудо клуб. На дневниот ред беа разгледани точки поврзани со тековната работа и функционирање на Федерацијата.

Во рамки на делот од Собранието, поврзано со органите на управување, после прифатената неотповиклива оставка на досегашниот претседател Зегљуљ Реџепи, со мнозинство гласови за нов претседател на Џудо федерацијата на Македонија беше избран Владимир Трпаноски.

Исто така, Собранието донесе одлука за смена на членовите на Извршниот и на Надзорниот одбор и со едногласно избра нови членови на овие органи. За нови членови на Извршниот одбор на Федерацијата се избрани: Авни Реџепи, Благоја Гешоски, Љубен Андријашевиќ, Марјан Колев, Иван Живковски, Ерол Шерифовски, Николче Мариновски, Бошко Вељановски, Сашо Јанакиевски и Горан Антевски, а за нови членови на Надзорниот одбор беа избрани Снежана Патирова, Димче Шипинкаровски и Борче Павлов.

Покрај изборот на новиот состав на органите на Федерацијата, на Собранието беа изгласани и новите потпретседатели, Благоја Гешоски и Горан Антевски.

извор:  Инфокомпас