Првото Државно џудо првенство за ветерани во историјата на Македонија, што се одржа на 14 април во Прилеп, на татамите ги врати македонските џудо ветерани, поранешни шампиони, актуелните тренери и долгогодишни вљубеници во џудото.

Обединeти од желбата заеднички да помогнат во промоцијата на македонското џудо, особено кај помладите, ветераните понудија сосема интересни борби, со многу атрактивни потези, кои дополнително ја зголемија атмосферата во спортската сала „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп.

Маке Спиркоски беше најдобар во категоријата до 81 килограм, Киро Здравески заврши како втор, додека Диме Џагадуроски беше третопласиран во оваа тежинска категорија. Во категоријата до 90 килограми триумфираше Горан Мицковски, пред Рубин Пеески и Никола Божиновски. Во најтешката категорија, за џудисти над сто килограми, првото место му припадна на Марјан Колев, втор беше Дејан Џикоски, а трет заврши Мето Ангелов.


„Како претседател на натпреваувачката комисија се радувам што еве и оваа старосна категорија доби Државен натпревар и секако во иднина масовноста ќе биде значително зголемена и сакам да го поздравам иницијативниот одбор на ветераните од градот Прилеп на чело со претседателот на одборот Киро Здравески кои со своите активности во изминатиот период придонесоа за реализација на иницијативата и одржување на првото Државно првенство за ветерани“ – рече претседателот на натпреварувачката комисија, Никола Божиновски.

Покрај Државното првенство за ветерани, во Прилеп се одржа и редовното Државно првенство за кадети и кадетки.