Во рамки на подготовките за  Државното екипно првенство за сениори, што ќе се одржи на 15.12.2019 година, чиј домаќин е џудо клубот „Гладијатор“ од Кочани, беше организирана прес-конференција на која беа претставени активностите за неговата организација и пропозициите според кои ќе се одвиваат натпреварите.

Своето учество на првенството го пријавиле четири клубови: ЏК „Сеишин“ од Прилеп, ЏК „Кожувчанка“ од Кавадарци, ЏК „Ипон“ од Скопје и домаќинот, ЏК „Гладијатор“.

Од име на Џудо федерацијата на Македонија учесниците на првенството ги поздрави спортскиот директор Ѓоре Мирчески.

Членот на Стручниот совет на Џудо федерацијата, Дејан Мицкоски им се заблагодари на домаќините за гостопримството и најави дека Кочани може да биде еден од центрите за развој на џудото во овој регион од државата, а за што постојат поволни услови.

Од Натпреварувачката комисија беше речено дека натпреварите на екипното првенство во Кочани ќе се одвиваат според нови правила, согласно правилата од Меѓународната џудо федерација, а за што зборуваше Дејан Џокоски, член на комисијата.

Од име на домашниот џудо клуб „Гладијатор“, гостите ги поздрави Вера Шеќероска, член на Натпреварувачката комисија и претседател на клубот.

Свое обраќање на прес-конференцијата имаше и Драган Шеќероски, член на ДАН комисијата и тренер во ЏК „Гладијатор“.