ЗНАМЕТО НА ЕЏУ ПРИСТИГНУВА ВО МАКЕДОНИЈА – СКОПЈЕ ДОМАЌИН НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ЗА УНИФОРМИРАНИ СЛУЖБИ ВО 2027
Џудо федерацијата на Македонија доби уште едно големо признание и доверба од Европската џудо унија (ЕЏУ) – Македонија ќе биде домаќин на European Judo Championships for Uniformed Services во 2027 година.
На свечената церемонија одржана во рамки на првото издание на European Judo Championships for Uniformed Services во Бирмингем, Велика Британија, беше извршено официјалното предавање на знамето на Европската џудо унија на следната земја-домаќин.
Годинашниот домаќин и организатор, претставуван од претседателот на British Judo, Gerry Gualtieri, свечено го предаде знамето на претседателот на Европската џудо унија, д-р Ласло Тот (Dr. László Tóth).
Во име на ЕЏУ, д-р Тот потоа официјално му го врачи знамето на претседателот на Џудо федерацијата на Македонија, г-дин Владимир Трпаноски, со што Македонија симболично и официјално ја презеде улогата на следен домаќин на ова значајно европско првенство.
ОД БИРМИНГЕМ ДО СКОПЈЕ – ЗНАМЕТО НА ЕВРОПСКОТО ЏУДО ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА
Доделувањето на организацијата на ова Европско првенство претставува уште една потврда за високата доверба што Европската џудо унија ја има во Џудо федерацијата на Македонија и во нејзините организациски капацитети.
По успешната организација на повеќе големи европски џудо натпреварувања во изминатиот период, Македонија повторно ќе биде во центарот на европското џудо. Овојпат нашата земја ќе ги пречека најдобрите џудисти од униформираните служби од европските држави.
Преземањето на знамето во Бирмингем воедно го означува и официјалниот почеток на подготовките за European Judo Championships for Uniformed Services 2027 во Скопје.
Џудо федерацијата на Македонија, во соработка со Европската џудо унија и надлежните државни институции, ќе ги насочи сите свои капацитети кон подготовка и реализација на уште еден европски спортски настан на највисоко организациско ниво.
Знамето е преземено. Следната станица е Македонија!
Добредојдовте во Скопје во 2027 година!
#judomacedonia
