Возбудливи борби, одлични потези и атрактивни фрлања ни донесе првиот ден од Европскиот џудо куп кој денес започна во Скопје. На татамите поставени во спортскиот центар „Јане Сандански“ кој е перфектно подготвен за настанот денес ги добивме имињата на новите европски владатели во јуниорска конкуренција, но и видовме дел од нашите џудисти кои и покрај солидните настапи не успееа да стигнат до медал.
Како што и беше официјално најавено, прелиминарните борби започнаа точно во 10 часот, а продолжија со четвртфиналните натпревари кои ги дадоа првите финалисти. Пред првиот ден и официјално да биде затворен со првите финални натпревари следуваше церемонијалниот дел на свечено отворање на првенството. Честта прв да ги поздрави присутните ја имаше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој им посака пријатен престој и убави спомени на сите џудисти во нашата гостопримлива земја, напоменувајќи дека овој куп е само почеток на една нова убава традиција. Советникот на Европската џудо федерација, Бранислав Црногорац на сите џудисти кои сонуваат да се појават на една од следните олимпијади им порача да продолжат со нивното усовршување, а овој настан е дефинитвно еден од нив, притоа не заборавајќи уште еднаш јавно да ја пофали одличната организација. Европскиот куп свечено го прогласи за отворен претседателот на џудо федерацијата на Македонија, господинот Владимир Трпаноски кој покрај благодарностите до сите оние кои овозможија овој голем настан да се случи во Македонија им посака на сите џудисти одлични борби.
Игнат Петров, Лилјана Недановска и Катерина Ацевска имаа најзабележителни резултати помеѓу сите оние кои денес се појавија на татамите. Катерина Ацевска беше и најблиску до медал, но во мечот за бронза во категоријата над 78 килограми загуби од босанката Лана Бјелоца. Игнат Петров по воведниот пораз од србинот Ратко Анѓеловиќ во категоријата до 66 килограми го доби првиот репасажот со израелецот Медитаче, но мораше да го предаде вториот против Калид Алхарби од Саудиска Арабија. Во истата категорија Сергеј Димитриоски беше елиминиран од британецот Динари Доукинс, во категоријата до 66 килограми Никола Магдески беше поразен од украинецот Артем Сорочан, а сличен епилог доживеа и неговиот брат Георгиј Магдески кој во малку потешката категорија загуби од босанецот Дарко Топаловиќ.
Во женска категорија во категоријата до 63 килограми Лилјана Недановска ја доби воведната борба против Мишел Миза од Израел, но загуби од норвежанката Тора Братас, а потоа и од Дебора Ѓакова од Косово. Во истата тежинска категорија, Кристина Мантароска беше поразена од Нина Цвјетко од Хрватска. Во категоријата +78 Катерина Ацевска ја очекува дуел со босанката Лана Бјелица кој може да ја однесе до најниското скалило на пиедесталот.
Натпреварите во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје продолжуваат и утре со почеток од 10 часот, а влезот за сите вљубеници во џудото е бесплатен.
Фото: Здравко Митиќ