Организацијата на европскиот јуниорски куп и балканското кадетско првенство во џудо беа единствените точки на состанок на Извршниот одбор на Џудо федерацијата на Македонија кој денес се оддржа во Прилеп.
Очекувано, примарниот фокус беше ставен на европскиот јуниорски куп. Претседателот Владимир Трпаноски потврди дека Витаминка, односно брендот Цевитана ќе биде генерален покровител на првенството на кое се очекува да настапат повеќе од 400 џудисти од цела Европа. Од техничките информации, Трпаноски реферираше дека сите натпревари ќе се оддржат во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, а обезбедени се и сместувачките капацитети за сите натпреварувачи, тренери и судии.
Во продолжение од состанокот беа поделени и обврските околу останатиот дел од организацијата на двата натпревари кои конечно ќе ја вратат Македонија на европската и светската џудо мапа.