Со вториот натпреварувачки ден одржан во неделата во СЦ „Јане Сандански“, во Скопје, заврши престижниот Европскиот џудо-куп за јуниори/ки, чиј организатор беше Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ).
По освоеното петто место на Катерина Ацевска (до 78 кг) на првиот натпреварувачки ден, македонскиот национален тим вториот ден настапи со пет џудисти, а крајниот исход во оваа силна конкуренција се две седми места. Тоа го остварија Анамарија Стојмилоска и Теа Настоска, и двете во категоријата до 48 кг. Од другите македонски џудо-надежи настапија уште Азра Заими (до 52 кг), Ива Богдановска (до 57 кг), Георгина Блажевска (до 48 кг) и Владимир Милчиноски (до 100 кг). Македонија на овој Куп оствари вкупно едно петто и четири седми места во конкуренција на 229 учесници од 28 земји, предводена од селекторите Александар Фузевски (јуниори) и Дејан Мицкоски (кадети).
– Сите спортисти што настапија вториот ден се од возрасната категорија кадети и за нив ова претставува искуство повеќе, т.е. подготовка за настапи и учества на натпревари од ваков ранг. Како селектор на кадетската селекција и помошник на селекторот за јуниори, задоволен сум од настапот на поголемиот дел од кадетите, на кои им дадовме можност да настапат во една категорија повозрасни од нив. Целта беше да се искористи организацијата на домашен терен со цел да почувствуваат како се одвиваат натпреварите од овој ранг, да ја почувствуваат атмосферата и на крајот да увидат колку напорно треба да се работи за да се настапува на натпревари од ваков ранг. Во конкуренција каде што имаше учесници од висок светски калибар тешко се освојува медал. Но само со повеќе учества и партиципација на меѓународно ниво ќе можеме да се носиме со другите во овој олимписки спорт – изјави селекторот на кадетите, Мицкоски.
Најдобрите европски џудисти/ки во јуниорска конкуренција ќе го продолжат престојот во Скопје до среда, каде што ќе бидат дел од џудо-камп.
Најуспешна нација на купот во Скопје е Србија со вкупно 11 медали, од кои четири злата, две сребра и пет бронзи.
Фото: Здравко Митиќ