За прв пат во својата историја, Македонија ќе биде домаќин на два големи европски џудо настани. По неколку месечни преговори на претстедателот на македонската џудо федерација, Владимир Трпаноски со највисоките претставници на европската џудо унија, денес и официјално беше потврдено дека Скопје и Македонија ќе бидат домаќини на Европскиот куп во џудо за јуниори и тренинг кампот за јуниори во организација на ЕЏУ. Според календарот на европската куќа на џудото, Европскиот куп за јуниори ќе се оддржи на 12ти и 13ти август 2023 година, а по неговото завршување, односно од 14ти до 16ти авуст ќе се оддржи и тренинг кампот за јуниори.

„Чест и задоволство ми е да објавам дека после долги преговори со водечките луѓе на европската џудо унија конечно успеавме за прв пат во историјата на земјата да донесеме два големи европски џудо настани во Македонија. Драго ми е што соработката и партнерство кои ги градиме на највисоко ниво со европската џудо унија и светската џудо федерација веќе дава резултати кои ќе бидат уште повидливи во следниот период затоа што во преговори сме за уште неколку големи проекти со двете најголеми џудо асоцијации. Двата настани освен што се потврда за соработката со ЕЏУ верувам дека ќе бидат мотив и за македонските џудисти и џудо клубови уште понапорно да работат и тренираат, но и ќе ги анимираат младите да започнат да тренираат џудо“ – изјави Владимир Трпаноски, претседател на џудо федерацијата на Македонија.

Одлуката за организација на двата настани денес беше едногласно усвоена и од членовите на Извршниот одбор на џудо федерацијата, кои најавија максимална поддршка во организацијата на двата настани кои треба да го потврдат капацитетот на џудо федерацијата на Македонија за организирање на европски настани на највисоко ниво.