Златен медал освои Хамза Јашари во категоријата до 66 килограми на Европскиот кадетски џудо куп 2018 што се одржа во Загреб, Хрватска.
Во конкуренција на 86 џудисти во неговата категорија, нашиот репрезентативец беше најдобар и го освои првото место. Во првата прелиминарна борба тој го совлада домашниот претставник Домагој Хлапчиќ со ипон. Потоа следуваше победа со ипон и вазари против Адам Окшаи од Унгарија, како и два ипони против Фабиан Канзи од Германија и Јакоб Визингер од Австрија.
Со тоа Хамза се најде во полуфиналето каде избори уште една победа со вазари против Дмитриј Козлов од Русија. Во финалната борба тој за противник го имаше солидниот Самуел Газнер од Австрија, кого го совлада со ипон.
Со освојувањето на златниот медал во Загреб, Хамза Јашари ја продолжува својата овогодишна серија од успеси, откако во февруари на Европскиот кадетски куп во Фолоника, Италија го освои сребрениот медал.