Меѓународната џудо федерација (IJF) ќе и додели проект на Џудо Федерацијата на Македонија (ЏФМ) насловен како “Џудо во школите во Македонија” што подразбира донација од IJF до ЏФМ од 10 борилишта (татами), 500 џудо-ги (кимона за џудо) и паричен надомест за 10 тренери во период од една година.
На 25.02.2018 година во текот на Џудо Гранд Слем турнирот во Диселдорф, Германија, на кој настапи светската елита во овој спорт, претседателот на Џудо Федерацијата на Македонија (ЏФМ) Филип Иванов имаше работен состанок со претседателот на Меѓународната Џудо Федерација (IJF) Мариус Визер на кој беа разменети мислења и идеи за развој на џудо спортот во Македонија.
Иванов информираше за актуелните состојби во џудо спортот во Македонија, за плановите за работа на новото раководство на ЏФМ, како и за првичните чекори што се преземени по изборот. Посебен акцент беше даден на зголемување на транспарентноста во работењето на федерацијата, отворањето на новата веб страница на ЏФМ www.judo.org.mk и плановите за што поширока медиумска покриеност. Стана збор и за изработката на стратегија за комуникација со јавноста, плановите за обуки на кадри, вклучување на спонзори и искористување на законските олеснувања при искористување на данокот од добивка за финансирање во спортот, отпочнување со работа на комисиите во рамките на ЏФМ, како и за отпочнување на подготовка на предлози за проекти поддржани од национални и меѓународни институции, чија имплементација ќе значи импулс во развојот на џудо спортот во Македонија.
Исто така, Иванов се осврна на одредени предизвици во функционирањето на ЏФМ и укажа на важноста од вклучувањето на сите џудо клубови во Македонија во работата на федерацијата и телата на истата, како и неговата решеност да даде поддршка на сите предлози и идеи кои се во интерес на напредокот на овој спорт, без разлика од каде доаѓаат. Дополнително, претседателот на ЏФМ ја истакна одличната соработка со Македонскиот Олимписки Комитет (МОК) и даде посебен акцент на финансиската и логистичката поддршка што оваа организација ја дава за развој на џудото во земјава, вклучувајќи ја и поддршката на потенцијалните кандидати за настап на Олимписките игри со финансиски средства, стручна помош, медицинска нега и се` останато во насока на постигнување на врвни резултати.
Иванов ја искористи оваа прилика да ја искаже својата благодарност до IJF и нејзиниот претседател Визер за несебичната поддршка што ја даваат за развој џудото во Македонија. Тој истакна дека бројните донации на опрема како и стручната поддршка од страна на IJF, значително придонесоа за извонредните резултати кои нашите џудисти ги постигнуваат во последно време. Овие резултати особено доаѓаат до израз по номинацијата и отпочнувањето со работа на Грабриел Сапта, инструктор на IJF кој веќе втора година работи со македонските врвни џудисти и нивните тренери. На работната средба беше изразена надеж дека оваа соработка ќе продолжи и дополнително ќе се интензивира, како и дека истата ќе овозможи постигнување на врвни резултати на меѓународните натпревари што следуваат.
Од своја страна пак, Визер го искажа своето задоволство од ваквиот напредок, ја истакна својата поддршка на новото раководство на ЏФМ и рече дека IJF ќе и го додели проектот “Џудо во школите во Македонија”, што подразбира донација од IJF до ЏФМ од 10 борилишта (татами), 500 џудо-ги (кимона за џудо) и паричен надомест за 10 тренери во период од една година. За таа цел, од страна на IJF до ЏФМ е доставен меморандум за соработка кој ќе треба да го потпишат IJF, ЏФМ, МОК и Министерство за образование и наука (МОН).
Овој проект ќе преставува силен импулс во развојот на џудото во Македонија затоа што ќе овозможи негова дисперзија низ целата земја, вклучување на 500 деца во тренажен процес без никаков надомест и подготовка на 10 тренери кои воедно ќе имаат шанса да ги користат искуствата и знаењето на локални и меѓународни обучувачи од оваа област.
Исто така, Визер препорача дека Македонската џудо федерација треба да стави посебен акцент на соработка со соседните џудо федерации од аспект на обезбедување на заеднички тренинг и спаринг на македонските џудисти со џудисти од соседството и дека Македонија треба да направи напор да организира поголем меѓународен натпревар со што би се влијаело за зголемување на популарноста на овој спорт во земјава и дека IJF е подготвена да и даде поддршка на ЏФМ и во таа насока.