Во Прилеп се одржува 10. Меѓународен турнир во џудо „Прилеп град херој“ кој е организиран од страна на џудо клубот „Сеишин“ од овој град. На турнирот, кој е еден од најдобрите меѓународни турнири во Македонија и во регионот, учествуваат 22 клубови од 6 држави, со вкупно 220 натпреварувачи во машка и женска категорија.

Натпреварите се одржуваат во 3 старосни категории, помлади пионери и пионерки, постари пионери и пионерки и кадети и кадетки. Најголема масовност имало кај помладите пионери и пионерки.

Имаме клубови и гости кои традиционално доаѓаат кај нас и ние ги посетуваме нивните турнири, тоа се клубови од Црна Гора, Грција, Бугарија, Косово и Србија. Значи со нив имаме взаемна соработка, што значи ние учествуваме на нивните турнири и тие доаѓаат традиционално на нашиот турнир. Годинава има уште 3 нови клуба кои што за прв пат доаѓаат на овој турнир, затоа што гледаат, ги следат работите за квалитетот на турнирот и пројавија интерес и годинава за прв пат ќе земат учество, истакна Дејан Мицкоски, тренер на ЏК „Сеишин“.

Џудо клубот „Сеишин“ оваа година одбележува уште еден јубилеј, а тоа е 15 години од своето постоење. „Сеишин“ е еден од трите најдобри клубови во Македонија и досега има освоено над 750 медали на повеќе државни и меѓународни натпреварувања.

-Освојуваме се повеќе и повеќе медали на меѓународните првенства, годинава за прв пат имавме неколку втори места на Балканското првенство и во следниов период напорно ќе работиме, со тоа што ги зголемивме термините за тренинг, за успеси и на европско ниво. Прилеп и познат како најџудо град воопшто во Македонија. Зошто џудо, затоа што џудото помага при психофизичкиот развој на децата и џудо вежбаат од 7 до 77 години. Практично тоа го докажува и нашиот клуб, ние имаме ветерани од 70-годишна возраст, а веќе имаме и деца со 4 годишна возраст. Значи џудото не е само спорт, туку и начин на живот, додаде Мицкоски.

Клубот „КДД Вихрен“ од градот Сандански од Бугарија е еден од првите клубови кои тука доаѓаат секоја година од почетокот на турнирот.

-Ние доаѓаме тука секоја година уште од самиот почеток на овој меѓународен турнир. Многу ни се допаѓа организацијата, се дружиме со спортистите од Македонија и другите држави. Веќе има големи пријателства помеѓу децата, тие постојано се допишуваат и преку фејсбук. Ние како клуб постоиме веќе 40 години, учествуваме на државни првенства, имаме и светски шампиони од Сандански. За да се одржуваме во форма ги посетуваме сите вакви турнири во регионот и околните држави, рече Кирил Килев, тренер на „КДД Вихрен“ од Бугарија.

Еден од постојаните учесници на турнирот е и клубот „Кастриоти“ од Косово. Тренерот Агрон Красниќи вели дека ова е еден од најдобрите меѓународни турнири на Балканот. 

– Ова е 10-ти, јубилеен турнир кој се одржува тука во Прилеп кој го организира џудо клубот „Сеишин“. Ние учествуваме на турнирот од самиот почеток, ова е еден од најквалитетните турнири во регионот. Денеска настапуваме со 15 џудисти и се надеваме на голем успех. Овие турнири придонесуваат за поголема соработка помеѓу клубовите и размена на искуства, рече Агрон Красниќи, тренер на клубот „Кастриоти“ од Косово.

Учесниците на турнирот велат дека џудото станува се популарен спорт на Балканот, затоа што било здраво за психофизичкиот развој на децата.

-Ние сме прв пат на турнирот организиран од „Сеишин“, да ја прославиме 10 годишнината како што треба. Доаѓаме од Великo Градиште, град покрај Дунав, блиску до границата со Романија. Донесовме 14 деца и очекуваме голем успех на нашите деца. Имаме тука едно девојче кое е трето на Балканот, имаме два прваци на Србија во младите категории и се надеваме дека ќе го оправдаат својот статус кој го имаат моментално. Џудото станува се попопуларно, со оглед дека УНИЦЕФ го прогласи џудото за спорт број 1 за деца и млади до 21 година. Тоа е основа за сите останати спортови, вели Драган Лазаревиќ, од џудо клубот од Велико Градиште.

-Драго ми е што денес за прв пат учествувам на турнирот. Како што гледаме организаторот одлично припремил се за нас како тренери и натпреварувачи и драго ми што денес сме тука. Џудото е се попопуларно во Србија, наравно за тоа треба да се заблагодариме што имаме светски и европски прваци во претходната. Спортот се шири и во училиштата и драго ми е што ќе оствариме соработка меѓу клубовите на овој начин, што ќе дојдеме ние кај нив, па тие кај нас и на тој начин ги одржуваме пријателските односи на добро ниво и создаваме добра конкуренција меѓу младите натпреварувачи, кажа Бојана Станковиќ, тренер на ЏК „Алексинац“ од Србија.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, рече дека тие секогаш ќе го поддржуваат џудо спортот во рамките на нивните можности.

-Убаво е нашиот град да има еден ваков спортски клуб, како што џудо клубот „Сеишин“, каде што се јакни и развива спортскиот дух на младите генерации, каде што младите генерации се презентираат надвор од нашата земја. Исто така, ако се земат предвид и здравствените придобивки за овој спорт, сето тоа го заокружува спортот воопшто во градот, каде што водиме сметка за младината и спортистите. Сакам да упатам честитки до овој клуб, затоа што слави 2 јубилеи, едниот е 15 години од постоењето на клубот што посебно ме радува и честитам за тоа, како и 10-годишнина, една деценија од развој на турнирот „Прилеп град херој“, како традиционален меѓународен турнир во џудо, кој што и оваа година се надевам со успех ќе се организира, истакна градоначалникот Јованоски.

Упатувам посебна благодарност од Џудо федерацијата на Македонија од и до градоначалникот на Прилеп, кој секогаш е до нас, покрај нас и со нас на џудо настаните, како џудо федерација и џудо клубовите од Прилеп. Посебна благодарност и честитки за ваквата организација и за џудо клубот „Сеишин“, кој е еден од најмасовните клубови од Македонија и во однос на организација со децата како клуб и во џудо структурите на Џудо федерацијата на Македонија, кажа Зеглул Реџепи, претседател на Џудо федерацијата на Македонија.

Со организацијата на овој турнир џудо клубот „Сеишин“ уште еднаш докажа дека еден од најдобрите клубови во Македонија, а овој турнир едно од најатрактивните спортски случувања во регионот.

(текстот е преземен од порталот Инфо компас)