Џудо клубот „Гладијатор“ од Кочани денеска беше домаќин на заеднички тренинг со клубовите „Сеишин„, „Прилеп“ и „Санкаку“ од Прилеп, „Пелистер“ од Битола, „Рудар“ од Македонска Каменица и „Џудо за сите“ од Софија, Република Бугарија.
– Како клуб што работи 5-6 години во источниот регион во нашата држава активно сме вклучени во сите проекти, во државните и меѓународните првенства, а со денешниот тренинг го означуваме почетокот на проектот „Џудо за сите“. Се работи за инклузивно џудо, при што нашите гости од Бугарија донесоа џудисти со попреченост, со што сакаме да покажеме дека и лицата кои имаат хендикеп и на некој начин се занемарени во општественото живеење, можат да бидат вклучени во спортот. Тоа значи дека џудото нема граници, истакна Драган Шеќероски од ЏК „Гладијатор“.
Гостите од Бугарија искажаа задоволство од поканата за заедничкиот тренинг во Кочани и за реализацијата на проектот за инклузија на лицата со хендикеп, при што даваат поддршка за неговото успешно спроведување
– За прв пат доаѓаме во Македонија, во Кочани, каде нашиот домаќин, сенсеи Драган Шеќероски изрази желба да работиме заедно. Во Бугарија џудото како спорт го практикуваме од 7-годишна возраст за лицата со проблеми со слухот. Проектот „Judo for all“ во Бугарија е со цел да покажеме дека лицата со хендикеп, исто како и останатите, можат да го практикуваат џудото заедно. Ако во Кочани има лица со оштетен слух, можат да се пријават во ЏК „Гладијатор“ за да тренираат, и преку нашиот проект ќе работиме на натамошниот развој, истакна претставникот на проектот „Џудо за сите“ од Бугарија.
ЏК „Сеишин“ од Прилеп со кој кочанските џудисти и досега имаат одлична соработка, се вклучува во проектот „Џудо за сите“, а се размилсува за слични заеднички тренинзи и со клубови од другите соседни држави.
– Оваа соработка за нас многу значи, особено што клубовите кои денеска се присутни на овој заеднички тренинг, соработуваат подолго време на високо ниво. Присуството на гости од Бугарија пак, тоа уште повеќе го унапредува и ќе значи размена на искуства, како за нас тренерите и стручните кадри, така и за нашите натпреварувачи. Согласно календарот на Џудо федерацијата, како што се одржуваат редовните државни првенства и учеството на турнири, имаме зацртано уште неколку вакви заеднички тренинзи со клубови од соседните држави, истакна Дејан Мицкоски од ЏК „Сеишин“ од Прилеп.
На заедничкиот тренинг на македонските и бугарските џудисти присуствуваше и претседателот на ДАН комисијата при ЏФРСМ, Ѓуро Илиќ, кој позитивно ја оцени соработката и почетокот на проектот „Џудо за сите“
-Заедничките тренинзи се од големо значење за размена на искуства и за унапредување на џудо техниката. На денешниот тренинг акцент ставаме на примената на контра техники и комбинација, односно рензоку ваза и каиши ваза. Интенцијата на повеќето џудо мајстори во нашата држава е што повеќе меѓусебно да се запознаваат и да соработуваат клубовите, особено преку одржување вакви викенд тренинзи, истакна Ѓуро Илиќ, претседател на ДАН комисијата.