Вовед
Кога доктор Џигоро Кано ги формирал контурите на современото џудо, тој секогаш се водел од ставот дека џудото е борбена вештина на телесен и душевен баланс. При тоа Докторот ја користел механиката на скелетно-мускулната динамика, систематизирана низ мноштво специфични и атипични движења која секогаш ја следи основната мисла на борецот провоцирана од сензорни и емотивни дразби. Успешноста на изведбата на џудо борбата е водена низ брзото сеќавањето на моторнито учење кој се стекнува низ макотрпен тренинг. Самиот процес на совладување на џудото е долготраен и ситематизиран во етапи на ученички рангови, до степен на мајсторски појас. Од тој степен па понатаму за напредување важат некои повисоки принципи и состојби на сознанија за моторна вештина поврзани со интелектуална и емотивна рамнотежа интегрирана во специфичен социјален систем на големото џудо семејство низ светот.
Самиот процес на учење на џудо техниката и однесувањето е нов принцип на размислување кој нуди не само физички туку и ментален развој на поединецот и развивање на социјални вештини. Тоа е многу важно за децата кои од рана возраст почнуваат да се занимаваат со оваа спортска дисциплина. Современата спортска методологија го сместила џудо спортот во групата на базични спортови заедно со атлетиката, гимнастиката, пливањето, токму поради фините ефекти на воспитно-педагошкиот процес и нетипичните мускулни и скелетни движења на телото. Кога мислата на џудоката тоа го следи, се постигнува телесна и емотивна стабилност и самодоверба. УНИЦЕФ го прифатил џудото како еден од најдобрите спортови за развој на деца и млади со посебни и специфични ефекти по здравјето како телесна, ментална и социјална благосостојба. Од овие развојни ефекти во практицирањето на џудотo би се изненадил и самиот автор Доктор Кано, со оглед дека се трудел да воспостави борбен систем каде силата ќе биде минорна во однос на умот и техниката. Но направени се многу лонгитудинални студии на развојот на децата кои би било обемно да ги изнесам, за кои постои соодветна стручна и научна потврда во спортско-научната литература.
Еден вака дизајниран концепт, дава поголема можност за просперитет и на оние единки од нашето современо општество кои имаат послаби индивидуални перформанси и недостатоци за да воспостават правилен личен развој, стабилност, самодоверба и да доживеат спортско задоволство. Со други зборови да станат подобри луѓе. Тоа значи дека џудото не е спорт со кој ќе тепаш и малтретираш други луѓе, туку ќе научиш да се почитуваш себеси, општеството и другите. Тоа е една извонредна инклузивна моќност на џудото како спорт за сите. Медалите се предизвик во спортот, но здравјето е најважен приоритет за секого.
Ќе наведам примери кои го потврдуваат тоа, од моето долгогодишно искуство како џудо мајстор и специјалист по медицинска психологија, 18 години раководител на секторот за деца и лица со пречки во физичкиот и психичкиот развој, односно хронично болни деца и нивните специфични развојни потреби. Без да Ве оптеретувам со епидемиолошки податоци, инклузивноста на џудотo ќе ја преставам преку примери кои сум ги научил следејќи и разни џудо семинари и настани. Како прво ќе наведам дека џудото е спорт кој е вклопен во Параолимписките игри, посебно атрактивен во категоријата на слепи џудисти. Ќе го наведам Магистериумот на проф. Др Славко Обадов, врвен натпреварувач со 13 врвни меѓународни одличја, кој се однесува на анксиознисте состојби при џудо спортот. Ќе ја наведам неодамнешната посета и семинарите во Македонија на Германскиот џудо експерт Juergen Klinger, тренер на Германската репрезентација, кој успешно ја презентираша фината Германска логика во анализата на механиката на секоје џудо движење посебно и доследно. Во мојата клиничка пракса речиси секое дете кое дошло во мојата ординација со било какви развојни потешкотии, било упатено да тренира џудо во некој од прилепските клубови, како одраз на реедукација преку моторното учење. Во продолжение ќе го образложам популарно тоа, со цел да ги охрабрам клубовите да воведат инклузивно џудо во својот тренажен процес и како да го направат тоа. Моите искуства се позитивни во изминативе 30-тина години, следејќи како исчезнуваат или се ублажуваат развојните симптоми кај децата кои добиле препорака да тренираат џудо, а дошле како пациенти со развојни потешкотии.
За кого е наменето инклузивното џудо?
Инкузивното џудо е наменото за лица кои по било кој основа имаат одреден неправилен или дисхармоничен развој на моториката, интелектот, емоциите, социјалните вештини или пак соматско заболување кое не подразбира мирување и избегнување на физички и ментален напор. Тоа се воглавно деца или адолесценти, кои поради својот хендикеп не се развиваат соодветно, се сепарирани од групата на врсници или доживеале некаква социјална или лична стигма. Бидејќи се работи за млади лица, со многу мало животно искуство, или се презаштитени од семејството поради нивната здравствена состојба, односно се развивале како пасивно-зависни структури, тие немаат начин или пристап да го променат својот живот за да постигнат личен раст и развој. Она што џудото нив може да им го понуди неможе да го понуди нити еден друг спорт во однос на личниот просперитет и напредок.
Кои се развојните дијагнози според МКБ-10 ?
Тука мора да се повикаме на медицинската номенклатура и класификација на развојните растројства. Од моето искуство практицирањето на џудото дава најдобри резултати кај развојни моторни диспраксии (F82), односно состојби на моторна неспретност на децата како што уште се нарекува Syndrom Valon, како и фини моторни диспраксии. Тоа се состојби каде децата и покрај напредната возраст немаат адекватно држење и движење на телото низ просторот, несигурни се и бавни, незнаат да врзуваат врвци, грешат при закопчување на копчиња и неспретни се при облекување и запетлување на патенти, немаат јасна престава за десна и лева и страна, неможат да голтаат апчиња и да ја користат букалната мускулатура при правилен изговор, неспретни се при јадење и држење на прибор, чаша, пиење од шише, графомоторика и слично. Тие успорено можат да го следат целокупниот тренажен процес, со споро совладување на техниката и борбената акција. Кооперативни се и послушни и лесно можат да прераснат во добри активни натпреварувачи.
Вторта група на деца се деца кои од било кои причини имаат некаков емотивен проблем (F93, F94, F43, R45). Најчесто тоа се деца кои доживеале некаква траума, страв, семејно разочарување, или не се адаптирале доволно во околината. Особено е користен за деца од нецелосни семејства и адоптирани деца. Овие деца се вообичаено со депресивни еквиваленти, анксиозни, понекогаш фобични, но најчесто немаат начин да ги изразат сопствените емоции, па изразувањето на емоцијата преку телесно движење за нив е релаксација. Во овој контекст не се препорачува да се вклучат деца со елективен мутизам, сепарациона анксиозност или премногу разгалени деца, без присуство на родител или старател. Од нив најчесто се селектираат добри и упорни натпреварувачи.
Третата група се деца со нарушување на однесувањето и емоциите(F92), тука се пропрачува задолжително присуство на родител старател за време на тренингот како потенцијален партнер и водител. Тоа се деца кои тешко прифајќаат авторитет, своеглави се но можат да бидат добри борци со тек на време.
Четвртата група на деца се деца со интелектуална попреченост(F70-79). При тоа треба да се води сметка дека децата со лесен ментален хендикеп можат да следат и редовен тренинг, но за почеток секако дека ќе им треба персонален едукатор, партнер или водач. Кај децата со умерени пречки во психичкиот развој персонален едукатор е задолжителен, додека препорака е овие деца да бидат во посебна тренажна група, која ќе има краток тренажен програм не подолг од 20-30 минути, со основни движења и зафати, без полуги и држења и гушења. Лица со потешките форми на ментален хендикеп (F72,F73) или Умерена со нарушено однесување (F71.1) неможе да следи инклузивно џудо.
Петтата група на деца се деца со растројство на вниманието и хиперактивност (F90). Доколку симптомите се благи и не се во склоп на некое друго заболување, детето може да се се вклучи во џудо тренингот со помош на родител/старател или персонален асистент. Овие деца поради одсуството на доволно внимание не можат да следат тренинг подолго од 15-20 минути, што значи дека е доволно да ги совладуваат падовите и основните џудо техники, без полуги и гушења. Поради ограничен опсег на внимание во рандори можат лесно да се повредат доколку партнерот не ги следи, што значи дека неможат да се борат самостојно.
Шестата група на деца се деца со руминации и опсесивни навики(F42). Тоа се силно сензибилни деца, со високи способности, многу несигурни и амбивалентни. Тренингот со нив треба да е во нормален, но со поспор тек, но без полуги и гушења. Значи само движења, падови, техники на фрлање, техники на држење. Можен е лесен рандори.
Седмата група на деца се деца со психотични растројства (F23,F84.3). Ако се транзиторни состојби тренингот е можен периодично, но ако се процесни состојби, треба да се побара мислење од психијатар за нивната способност за тренинг. Обично кај овие деца желбата за тренинг сама згаснува поради атимо-анхормичната симптоматологија. Присуството на персонален партнер е задолжително на почеток. За нив тренингот има значење на социјализација во фазта на ремисија или рехабилитација.
Осмата група на деца се деца со дисхармоничен тек на развојот на психомоторниот спрег. Тоа се деца со Церебрална парализа и други заболувања на скелтно-мускулниот систем (G80,G81). За нив важи правилото секој според своите можности. Препорачливо е за овие деца да се води сметка после почетниот став брзо да се префрлат во партер и да се изучува партерната техника, со неколку минимални движења на татами ,основни техники на падови и базични техники на фрлање, особено рачните.
Деветата група се хронично болни деца чии пречки во развојот не бараат мирување или исклучување од напор, како при срцеви или бубрежни заболувања, односно цереброваскуларните заболувања. Останатите заболувања пред се бараат предходна проценка и препорака од специјалист. Во оваа група на деца има и такви џудисти кои што можат активно да се натпреваруваат со другите здрави натпреварувачи до определена натпреварувачка возраст. Нивниот ангажман пред се зависи од нивната здравствена состојба и редовната лекарска контрола на болеста.
Десетата се како посебна група на деца со трисомнија или Syndrom Down (Q91). Тоа се деца кои секако треба да бидат вклопени во клуб со посебни редуцирани тренажни задачи. Овие деца веќе покажале резултати на скоро сите такмичења за помлади категории, до ниво на кадети. Лесно се интегрираат и добри се за соработка. За нив важи правилото за потреба од присуство на родител/старател во почетокот на тренажниот процес, после лесно се осамостојуваат.
Кои деца не се земени во предвид, а можат да практицираат инклузивно џудо?
Во овај текст не се земени во предвид децата со говорни потешкотии, тикови, сомнамбулизам и други растројства на сонот, ноќно мокрење, енкомпресис, анорексија и булимија, како и социјална патолошка феноменологија, за кои важи правилото дека можат да се вклучат во редовен тренажен процес, без никаков проблем и опасност по однос на менталното и физичкото здравје. Се разбира дека подлежат на редовен лекарски спортски преглед.
За разлика од нив децата со перварзивни развојни растројства бараат посебно организирана група и редовен персонален аситетент, но само оние со поблаги симптоми од типот на Аспергер. За останатите деца со шифрата (F84) вклучувањето во тренажниот процес не е возможен развој на трансферен однос и активно вклучување.
За децата со било каков физички инвалидитет џудо процесот е посебно организирана тренажна категорија во рамките на нивните можности. Сепак џудото е достапно за сите, за некои со адаптирани програми, а за некои со редовни во зависност од нивните можности и здравствена состојба.
Кои се причините да се повикуваме на инклузивно џудо?
Причините да се повикаме на џудо тренинг кај овие деца е моторното учење. Моторното учење е првото учење кои децата го совладуваат во својот живот, кое најлесно и долго се памети и ќе бара учество на додатна воља и мотивација за да се совлада една моторна вештина за да стане рутинска. Тука спаѓаат стоењето, одењето, држење на рамнотежа, користење на рацете, нозете, шаката, манипулација со прсти, од базичните, возење на велосипед, пливање, качување, симнување,користење на прибор, пишување од нешто посложените и сл. Моторното учење е учење на спортски вештини, да се изведуваат рутинирано, брзо, прецизно и експлозивно, а за тоа треба добар ментален баланс на сензориумот, склетно-мускулната координација, мисловна концентрација и флуидност на поврзување на перцепираниот матерјал и волевата акција. Емоцијата е таа која го означува алармот. Во пракса колку човек има посигурен телесен став, добра координација на покрети, колку посигурно го поставува своето тело во однос на просторот, толку е посигурен и постабилен. Контактот со своите емоции и спонтаноста е поголема, интенционалноста исто така. Во такви околности може да даде многу брза, адекватна и рационална телесна реакција повикувајќи се на своите совладани вештини.
Кај децата со било какви пречки во развојот имаме отсуство на континуитет на моторното учење. Затоа инклузивното џудо за нив е совладување на рехабилитациона програма чија цел е спортска терапија, а дометот е нивниот личен рекорд. Линијата која може да ги стимулира е прагматичаната постапка во моториката на учењето на џудо вештината.
Како оди припремата на дете за инклузивно џудо?
На децата не му е секогаш јасно кој е изворот на нивните проблеми или зошто некој симптом се појавил. Дури и некогаш не му смета таквото однесување. Нив им е важно да излезат од опкружувањето во кое се наоѓаат, да го надминат некомфорот, стравот, да го истражат светот, да се стекнат со некое ново доживување. Најчесто не сакаат нагли промени, но сакаат движење, зошто така му е најлесно да се изразат и да се ослободат од немирот или анксиозноста која ги ограничува. Тие сакаат да се потврдат себе си. Секако дека со намерата се запознава и родителот или старателот. Најпрвин му се објаснува спортот и начинот на практицирање. Откако детето нема да покаже отпор се одредува само да си одбере клуб или локација. На родителот или старателот му се објаснува дека на првата средба со џудото детето треба да биде само гледач на тренингот не подолго од 20-30 минути, да се запознае со условите и да се препорача на тренерот. Дури на вториот тренинг детето се пушта да вежба со континуирано присуство на еден од родителите или старател. Во поедини случаеви и тие по спортска опрема му помагаат на детето.
Совети за психологот
Работата на психологот во инклузивното џудо е да го тестира, припреми и следи детето пред и за време на тренажниот процес. Дијагностиката согласно возраста оди со стандардните клинички и развојни тестови. Она што е специфика за дете кое се припрема во насока на спортска рехабилитација е користењето на влезно и излезно интервју, мерења со рекациометарот и редовна контрола на секои два месеци во наредните 6 месеци. Влезното интервју се однесува на неговите склоности, желби, како тоа гледа на ситуацијата, неговиот комодитет и мотивацијата за редовна посета на џудото. Излезното интервју се користи од како симптомите ќе се повлечат, а детето сака да го напушти џудото и да се занимава со некоја друга активност. Тоа е добар показатал дека развојот на детето почнал да се развива во добра насока. Ако детето сака да напушти, а симптомите сеуште се активни, упатете го на лекарски преглед од соодветен специјалист. Реакциометарот е апарат кој е алатка на секој спортски психолог. Со него ја мерите брзината на координацијата на сензо-моторната флуидност. Модерните реакциометри имаат А и Б тест кои мерат брзина на реакција на рака и нога на лева и десна страна. А –тестот е за кординација, а Б –за латерализација, што е битно за да се процени дали моторното учење ги подобрува сензомоторните перформанси на детето. Контролите треба да дадат проценка за напредокот на развојот на детето и не би требало да бидат подолги од 6 месеци. После тој период се бара друг третман, доколку не се постигнала целта на подобрување на состојбата.
Совети за тренерот
Џудо тренерот не е обичен тренер, тој е Сенсеи или учител, кој освен спортските вештини своите ученици ги учи да бидат храбри, достоинствени, издржливи, мудри, воздржани и промислени луѓе. Тоа е голема одговорност за еден човек. Но, животот нема фер правила, како во спортот, па секој не е соодветно опремен за борба. Принципот на индивидуализација од тие причини е многу битен во инклузивното џудо. Секој спрема можностите. Понекогаш изнудување на детска насмевка или бришење на солзите од тажното дете е поголем успех од златната медалја. Тренерот тоа секогаш треба да го има во предвид кога работи инклузивно џудо.
Во општите препораки стои дека воведувањето на овие деца треба да биде постепено, успорено и репетирачко. Понекогаш ќе треба трпение или подолга пауза, но мотивацијата треба да биде континуирана. Не секогаш овие деца ќе совладуваат адекватно техника, но важно е да се трудат, да се социјализираат и да се воспитат во спортски дух.
Контактот со детето секогаш треба да биде директен, со јасни и едноставни назнаки и упатства. Понекогаш тренингот треба да се скрати за половина, а одморот кај детето да се продолжи, но тоа да биде присутно во салата во целосна опрема до крајот на тренингот. Детето треба да си го најде местото во клубот и да направи идентификација со спортот. Да се пофалува за успех, но не секогаш да се куди за неуспех за лоша изведба на некоја техника. За децата од инклузивното џудо доволно е да ги совладаат основните движења и техники, но и да научат да водат лесен рандори. За оние кои се спремни да се натпреваруваат нема никакви пречки да се вклучат во редовен процес. Доколку приметите дека детето не се чувствува добро на тренингот одморете го дозволете апсентизам.
Совети за родителите/старателите
Добро е кога родителите на почетокот на тренирањето на нивните деца ќе се одлучат и тие да стават спортска опрема и да бидат дел од тимот на персонални асистенти. Секогаш е пожелно да се следат тренинзите на нивните деца, барем во првите 6 месеци, кога се очекува децата физички да закрепнат и емотивно да стекната стабилност. Родителите треба да знаат дека процесот на рехабилитација е тераписка техника и дека нивната подршка е најзначајна ,зошто со своето присуство го охрабруваат детето за правилен развој и надминување на потешкотиите. Тоа е позитивен пример за детето дека не е само и дека нетреба да биде пасивно и зависно. Инклузивното џудо е некоја форма на лек, а не борба за медали.
Она што е важно за пошироката заедница е процесот на прогесивно охрабрување дека инклузивното џудо е одржлив развој на општеството. Особено е важно Националната џудо федерација, Агенцијата за млади и спорт и Националниот олимписки комитет да припреми посебни поволности за клубовите во кои ќе се применува инклузивно џудо. Такви активности веќе има во Македонија во ЏК Дрим во Струга, во ЏК Сеишин и ЏК Санкаку во Прилеп, а во ЏК Пролетер од Прилеп се применува со години. Искуството на ЏК Копар од Словенија е еден позитивен пример на организиран клуб за инклузивно џудо на овој дел од Европа. Она што е општествена одговорност во целиот овој процес е системот на спорстка активност за секого. Тоа значи дека економската оправданост е голема, зошто добивката е во здравјето на децата, така што Фондот за здравство наместо да дава пари за лечење на децата ќе заштети многу средства и ќе добие задоволни и поздрави деца. Она што е придобивка од инклузивноста за џудото е популарноста на џудо спортот кој во моментот е меѓу 5-те најпопуларни спортови во светот што луѓето сакаат да го практицираат од 7 до 77 години. Тоа е голема работа во светот на спортот, а и голем респект за духовните вредности на овој спорт. За крај, минатата година 136 дечиња беа упатени да тренираат било каков спорт поради разни развојни потешкотии од мојата амбуланта, од нив 63 се одлучија да се вклопат во некој од џудо клубовите. Сепак инкузивноста на џудото со години спонтано е присутна во Македонија.
Авторот Јован Велески е член на Лекарската комисија на Џудо федерацијата на Македонија.