Кога е волјатa опција за непосреден спортски резултат мора да се има во предвид расчекорот помеѓу желбите и можностите. Тоа лесно може да го утврди тренерот низ мерење на физичките и психичките параметри на натпреварувачот, но внатрешниот сензор за интриоспекција или самопроцена, тешко дека е реален показател во мисловните процеси на самиот натпреварувач.
Секој џудока треба да знае да разликува формалност од реалност, но тоа е достапно најчесто само за натпреварувачите од повисок ученички ранг, мајсторски кандидат или мајстори. Техниката е формалност, таа е дел од моторното учење на џудото како боречка дисциплина, но борбата е реалност на наученото, односно техниката само тогаш има употреблива вредност и добива духовна сила. Можете да изведувата техники на најсовршено ниво, но ако Вашата физичка и ментална снага не е во неа, тоагаш таа нема вредност и не е реална. Техниката се учи до автоматизам, но борбата се учи низ предизвици, кризи и болки. Неможете туку така да ја трошите Вашата душа на секоја техника или кога е непотребно на тренинг, треба да осознаете кога да го искористите моментумот за Вашето познавање на џудото да биде ефикасно, односно реално.
Кога некој е добро психички спремен и кога изведува џудо техники на лева или десна страна, во рандори или партер, тој изгледа опасно, опасноста предизвикува внимателност кај противникот, во полош случај страв, но тоа треба да биде Ваш мотив за да ја наметните Вашата борба. Опасноста не е реална, туку формална, зошто реалноста е во Вашата глава, поточно да го препознаете моментот за правовремен напад. Тоа е вистинска борба. Во споротивно ќе му бидете само добар спаринг партнер на Вашиот противник.
Тоа се постигнува со решителност на секое Ваше движење, со стабилност на гардот, без разлика дали е тоа напад или одбрана. Да бидам појасен, вистинската џудо борба не е прашање само на добро изведена техника, префинета техника, набилдани мускули или желба за победа. Вие во секое Ваше движење треба да ја вметните Вашата внатрешна сила, која ќе го натера противникот да греши. Во вистинската борба не секогаш искуството е значајно, туку Вашиот ментален систем, да ги насочите Вашите духовни сили на решителноста на Вашите движења во изведбата на техниката врз противникот. Затоа џудото секогаш има нови шампиони и одржувањето на ваков континуитет на високо ниво е тежек процес. Зошто решителноста ги обврзува борците на вистинска борба во балансот на нивното тело, ум и вештини. Во спротивно техниката ќе биде само танц, вежба или егзибиција.
Решителноста ја прави разликата меѓу шампионите и добро пласираните натпреварувачи. Сепак шампионот се разликува од другите не само по знаење и подобра подготвеност, туку во желбата да се биде решителен борец. Во вакви конотации било какви слабости или емотивни испади доведуваат до неуспех, но и лошата животна навика, да барате оправдување за тоа.
Запомнете џудо борецот нема друга опција освен да победи. Тоа се сведува на свесност на секое Ваше џудо движење и користење на моментот, ништо друго. Во врска со решителноста можам да кажам дека има 5 градации кога спортот е во прашање:
Нерешителен
Благо решителен
Умерено решителен
Многу решителен и
Шампион
Како ќе го постигнете тоа, најдобро посоветувајте се со Вашиот тренер, и работете решително секојдневно чекор по чекор, од борба во борба.
Автор: Доктор Јован Велески
Член на Лекарската комисија на Џудо Федерацијата