Секој спортист расте слушајќи за Олимписките игри. Овој меѓународен фестивал на спортот доаѓа на секои 4 години и за зимските и за летните игри. Оваа 2021 година е Олимписка, олимпијадата е во Токио, а Токај Арената е домаќин на олимпискиот џудо турнир. Џудото се враќа во татковината Јапонија од каде во 1964 година го започна својот олимписки сон. Не ретко Вашиот најголем сон како спортист е еден ден да бидете дел од ова натпреварување и да ја претставувате вашата земја. Многумина од Вас ќе сонуваат да бидат професионалени спортисти или да се натпреваруваат за националниот тим на меѓународно ниво, но, сепак, крајната цел е претставување на Олимписките игри. Тоа е животна цел на секој успешен спортист. Четирите цели на Олимписките игри ги напиша Меѓународниот олимписки комитет уште во 1896, но секоја државата и секоја спортска федерација која држи до спортот има како свои олимпсиските приоритети:
1. Да се промовира развојот на оние физички и морални квалитети кои се основа на спортот.
2. Да се едуцираат младите луѓе преку спорт во дух на подобро разбирање меѓу себе и на пријателството, а со тоа да се помогне да се изгради подобар и помирен свет.
3. Да се шират олимписките принципи низ целиот свет, а со тоа да се создаде меѓународна добра волја.
4. Да се соберат спортистите од светот секои 4 години на еден врвен спортски фестивал наречен Олимписките игри.
Игрите не се само возбуда за да се успее да се постигнат спортски резултат, туку духовно чувство на гордост што ќе ја потврди целата ваша напорна работа и жртвување. Срцето на конкуренцијата се нарекува Олимписки дух. Но, таа конкуренција секогаш се наоѓа во спортистот, да е конкурентен сам на себе. „Градење мирен и подобар свет во Олимпискиот дух, кој бара взаемно разбирање, пријателство, солидарност и фер игра“. Олимпсикиот дух е моќ на сон, внатрешна сила во спортистот која те води да станиш подобар човек. Само преку ваков облик може да се развие гордост за својата нација и почит кон луѓето од другите нации. Игрите се настан за да ја покажеме нашата Македонска младина на светот. Тоа е најдобрата арена за вас да му покажете на светот преку спортот дека сте горди што сте роден во својата татковина Македонија. Следете ги вашите соништа и Олимпискиот дух секогаш ќе биде во Вас. Тоа не доаѓа само од себе на секои четири години, за тоа треба да се припремаш напорно тие четири години, да се почитуваш себеси, да не се плашиш или срамиш од својот статус, од конкурентите и животните предизвици, затоа што го даваш најдоброто од себе. Олимпизмот е филозофија на животот што комбинира избалансирана целина на квалитетите на телото, волјата и умот. Да се биде шампион во животот е еден спортски сегмент, но да се биде олимпијец не е само спортска, туку и духовна величина. Тоа помага да развиете лични однесувања поврзани со вредностите на Олимпиското движење, кои ќе Ви помогнат да станете подобар и поуспешен човек. Сонувајте го и создадете начин на живот заснован врз радоста која излегува од напорниот тренинг, вашата научена вештина како вредност на добар пример и почитта кон другите. Вашата нација ќе биде горда и ќе се гордеете со вашиот Олимписки дух.
Па драги мои џудисти нека оваа Олимписка година биде стимулативна за Ваш личен напредок во спортската кариера и животот. Поставете си повисоки цели за едно скалило повеќе, верувајте во вашите вредности и усовршувајте ги, бидете толерантни и друштвени, издржете ги сите ваши спортски и лични напори и ќе го доживеете олимпискиот дух, сонот на секој спортист. Без разлика што олимпијадата можеби ќе ја гледате на телевизија.
Авторот Јован Велески е член на лекарската комисија на ЏФМ и некогашен советник на Меѓународниот олимписки комитет за волонтерски прашања. Текстот е авторизиран и дозволен за преземање за членовите на ЏФМ.
(овој текст е во рамките на програмата за одбележување на Деновите на психологијата кои годинава ќе се оддржуваат под пораката Еден за сите, сите за еден!)