Според стариот Бушидо кодекс на јапонските боречки вештини противникот не се смета за непијател, туку за достоен пријател со кого ги испробуваш своите способности. И основачот на џудото, Џигоро Кано овој принцип го прифатил во својата боречка филозофија, која денес е светски популарен спорт. Но, за да бидеш достоен натпреварувач треба да поседуваш неколку особености, како на пример искрајност, храброст, добрина, учивост, достоинственост, чест и лојалност. Иако овие морални вредности се малку ретро, сепак, како спортист ако не ги применуваш и не ги разбереш, не ќе можиш да напредуваш во спортот, барем не во џудото и другите боречки вештини. Суровата агресивност е одамна надмината категорија, зошто умот царува, а снагата е слуга. Особено ова се огледува во современите правила на џудо спортот каде џудистите се одлично физички, технички и тактики припремени. Она што ја прави разликата помеѓу нив, поточно према квалитетот на носителите на медали и оние кои се добро пласирани на 4, 5, 6, 7, 8 место е продукт на волевата-когнитивната динамика, односно во инспирацијата и мотивацијата. Но, овие сознанија не му се достапни на сите џудисти, со нив можат да се сретнат само џудистите кои подолго практицираат џудо и дошле до степен на мајсторки кандидат, односно го поминале развојниот период на адолесценција и навлегуваат во адултниот период. За тоа треба тренинг и созревање низ борбено искуство.
Само тренерите со големо искуство и одличните џудо борци кои постигнале врвни резултати можат да ја сознаат разликата и важноста на инспирацијата и мотивацијата и нивнта важност во надминувањето на локалните успеси. Во продолжение ќе се обидам да ја опишам разликата на инспирацијата и мотивацијата во натпреварувачкото џудо и нејзината практична потреба.
Зборот ИНСПИРАЦИЈА доаѓа од латинскиот збор spiritus што значи живот, дух. И библиското значење на зборот оди во начело на преживување. Инспирација е кога добивате идеа како да ја водите борбата на џудо турнирот до крајниот исход, без разлика колку противници имате. Таа идеа се појавува одеднаш, Ве исполнува, Ве понесува, Ви нуди секави решенија за сите борбени ситуации и Ве носи таму каде треба да одите, а тоа е на победничкото постоље. Едноставно можете се, духот е ослободен, а снагата е лесна и без напор се движи низ борбениот простор на татамите. Инспирацијата не можете да ја повикате и незнаете кога ќе се појави, но можете да ја однегувате, преку мотивациските дејствија. Cloninger& Gray сметаа дека е норадреналинска-допаминергично невротрансмисиска активност и влијание на амигдалните јадра.
За разлика од инспирацијата, МОТИВАЦИЈАТА спрема истите автори е допаминергично-ацетилхолинска акативност. Мотивацијата е волева активност поттикната од некој повод, причина или идеја. Во спортското џудо сите се понесени од идеата да тренираат напорно како би се стекнале со некој појас или би освоиле некое одличје. Сите натпреварувачи кои доаѓаат на натпреварување не се подеднакво мотивирани за победа, освен на големите меѓународни натпреварувања или Grand prix и Grand Slam турнири. На помалите локални натпревари мотивацијата за успех е варијабилна.
Накратко според Wayne Diers:„Инспирација е кога добијате некоја идеа, необјаснива моќ на лежерна акција која Ве води до врвен резултат, а мотивација е кога таа идеа ќе ве обземе и ја усмерувате таму каде треба да одите”. За џудото важи едно правило, ако поседуваме моќ да раководиме со сопствената мотивација, во борбата можеме да ја наметниме и контролираме мотивација на противникот. Додека со инспирацијата е обратно, ни се наметнува и има моќ да управува со нас. Резултатите на големите натпреварувања се ефект токму на оваа спрега.
Во сето ова нема ништо мистично, сето тоа е резултат на добра воља, желба за успех и многу труд со невро-мускулна активност на организмот. Не секој натпреварувач е надарен за врвни резултатити, но во секој натпреварувач лежи заспан борец, кој само со тренерот или одредени процеси на созревање на мозочната активност може да се разбуди. На големите натпреварувања можеме лесно да го видиме тоа, а па и на локалните ако следите внимателно ќе видите младите почетници кои се фасцинираат од светот на џудо спортот. Ако не ги усмериме тие деца правилно ќе се изгубат во идеата.
И сега една дигресија во однос на финансиската мотивираност на натпреварувачите и колку се вложува во нивниот талент. Големите нации како Франција, Русија, Бразил, секако дека вложуваат големи финансиски средства, но тоа е само во квалитетните џудисти. Но, го имаме примерот на малите Косово и Словенија, каде достоинството на добри и квалитетни тренери знаат да го препознаат моментот на инспирација на нивните натпреварувачки (не натпреварувачи). Сето тоа резултира со олимписки, светски и европски медали. Вештините на натпреварувачките го привлекле финансискиот момент. Добар пример е инспирацијата на тотално анонимните Португалци, Фонсека, победник на последното Светско првенство во Јапонија и неговата сонародничка Барбара Тимо со бронзен медал. Јапонија како врвна џудо нација намерно ја изоставив, зошто џудото за Јапонците е прашање на честа.
Совети за тренерите како да се носат со овие појави кај своите натпреварувачи се претежно од субјективна природа. Препознавањето на инспириран и мотивиран натпреварувач е нивнта главна задача. Многу често ќе приметите на тренинг кај некој натпреварувач дека постои желба за борба. Лесно трча, вежбите ги обавува со леснотија, се бори до крај, не го пушта гардот, загризува на секој трзај на противникот, се обидува да ја пласира својата техника. Тие акции одат во контекс на мотивиран џудист. Но, кога ќе приметите дека вашиот натпреварувач лесно применува некоја иста техника, неколку пати и тоа му носи резултат, е тоа е инспирација. Во контекс на тоа оди неговото држење, движење и секогаш при промената на гардот има добар гриф. Тоа тренерот треба да го однегувате, зошто и движењата на противникот може да биде момент на инспирација. Тоа е вовед за повисоко борбено созревање, но треба да се има во предвид дека на натпреварување е друга приказна.
Ако правиме резиме, тогаш тренерот треба да знае дека мотивацијата секокогаш е дијадна, а инспирацијата тријадна комуникација. За мотивација се потребни два момента, а за инспирација три. За наши, Македонски услови пред се, треба да се проценат нивото на аспирација кај секој џудока, односно кој што сака да постигне во џудо спортот. Дали да се рекреира или да се натпреварува. Колку е спремен да работи, колку други обврски има и дали сака да се откаже од своето слободнбо време. Подршката и разбирањето на семејството на натпреварувачот е исто така важен фактор при мотивацијата и инспирацијата. Разговарајте често со своите ученици очи во очи, потикнете ги џудото да го разберат и од друг агол, не само како спортска дисциплина, туку како лична добивка. Разберете што го мотивира, а што го воодушевува при практицирање на џудото. Искусен психолог лесно ќе го реши овој проблем, но за спортски тренер треба искуство. За да го придобиете квалитетот кај своите натпреварувачи и вие бидете искрени, храбри, чесни, достоинствени и лојални, особено добри и децата ќе се инспирираат од вашата доблест на секое натпреварување. Техниките покасно или порано ќе ги совладаат, може да набилда снага, претрчаат километри, но желбата за успех и креативноста за победа треба да се се потикнува кај борците, зошто разумот ќе ги одведе од точка А до точка Б, но инспирацијата може да ги дигне до шампионите. Па наредната година 2021 е олимписка година, Токио е убав град, џудо турнирот е во Токај арената, а тоа е добра инспирација за сите џудисти да се мотивираат во духот на олимпизмот.
Авторот Јован Велески е член на Лекарската комисија на ЏФМ
(овој текст е во рамките на програмата за одбележување на Деновите на психологијата кои годинава ќе се оддржуваат под пораката Еден за сите, сите за еден!)