Со првите борби, денес и официјално стартуваше Балканското првенство во џудо за кадети и кадетки – Крушево 2023. По вчерашниот ден кој вообичаено е наменет за сместување, ждребување и останати административни работи, денес и утре ќе гледаме вистинска возбуда на татамите во спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“.
„Ова е дефинитивно најбројно, но и по квалитет веројатно и најсилно балканско кадетско првенство. Силна конкуренција, одлични натпреварувачи што е добро и за самото првенство, и за публиката, но и за нашите џудисти“ – изјави претседателот на џудо федерацијата, Владимир Трпаноски.
Тој заедно со членовите на извршниот одбор на федерацијата ги посетија македонските репрезентативци и им посакаа успешно првенство. На средбата селекторот Мицкоски ги информираше своите избраници дека секој освојувач на медал од првенството ќе стане стипендист на федерацијата.