Џудото е специфичен спорт во кој менталното созревање го трасира патот кон спортскиот и личниот успех. Затоа е предвидено рангирања на ученичките и мајсторските вештини. Како спортска дисциплина ги исполнува сите услови кои ги бара спортскиот режим, односно, добра моторно-техничка координација, како и кондиционо-мускулен потенцијал. Како борбена вештина џудото завлегува во доменот на менталниот баланс на волево–нагонските и афективните динамизи, а како филозофија ги допира духовните вредности на човечката нативна структура. Не е можно сите овие компоненти да се спојат во една целина за релативно кратко време, односно за времето додека телото на џудистот е во полна физичка и ментална кондиција, но можно е истите постепено да се стекнат со времето и за нив е потребно созревање. Овој концепт на баланс е потребен на сите категории на спортистите кои практицират џудо, било за рекреативци или натпреварувачи, но и за тренери, судии, координатори. Овој процес е индивидуален и различен за секоја возрасна категорија.
Што е значењето на менталниот баланс во џудо спортот
Учењето на техниката и физичката припрема ги оставаме за спортските учители, но менталната компонента на џудото е онаа која што треба внимателно да се следи кај секој џудока, како би можела да напредува од тренинг на тренинг, од турнир на турнир. Како се изведува психолошката припрема нема да најдете одговор нити кај еден трененер, било да е академски школован или шампион, но може да се сретнат кај мајсторите кои имат рангови окулу пурпурниот појас. Ако е џудистот препуштен сам на себе може да го слуша само сопствениот ритам на срцето, да тренира напорно, да се сети на елементи од тренажниот процес, но не и да ја креира ситуацијата во целост со полна визуелизација и ментална организација. Но, за да ја добие борбата, треба малку повеќе психолошка припрема. Има многу елементи кои треба да се најдат во менталниот склоп на натпреварувачот пред тој да излезе на борба, се другото е импровизација или детска игра која успева да донесе резултат до фазата на кадети. Од искуство ваков пристап кој се базира на моторно учење, носи резултати и созревање до плав појас. За постарите категории потребно е ментално созревање и се разбира поголемо материјално-техничка мотивација.
Кои се потребите на натпреварувачите
Во овој натпис ќе ги опишам основните елементите на психолошка припрема кои треба да ги следат тренерите кај своите натпреварувачи. Пред се џудото е збир на неспецифични, атипични моторни движења, кои го нарушуваат кредибилитетот на спацијалниот-просторниот фактор. Тоа е пречка која во основа ја покачува анксиозноста, односно тремата кај натпреварувачот и не му дозволува да се адаптира и да даде адекватен одговор на борбената ситуација. Со други зборови ја нарушува логичката контрола на моторното функционирање на натпреварувачот и доведува до одбранбена позиција. Уште докторатот на професор Обадов С. зборува на оваа тема, а рускиот автор д-р Решетников кој се занимава со боречките спортови, смета дека таква една ситуација го пореметува ритамот на дишење и потрошувачката на кислород на мозокот. Словенечкиот психолог Стане Жогар зборува дека мотивацијата во џудото е најважната компонента на која треба да се обрне внимание пред самото натпреварување. Тоа не значи дека треба да се појавиш на татами и де се бориш како на тренинг, што најчесто се случува со џудистите во младите категории. Тоа значи дека треба да имаш менталена обработка како ќе ја изведеш победата. Тука не се мисли само на техниките кои џудистот ќе ги користи, или на тактичката борба, туку се мисли и на рационализацијата на потрошувачката на енергија како физичка, така и ментална.
Ќе наведам една анегдота. Во периодот кога бев активен водач на екипата, имаше едно 10-годишно момче кое поседуваше надмојќна техника во рамките на своите врсници од познато спортско семејство. Кога турнирот беше во Прилеп, тој беше секогаш прв, но кога одевме на турнири во други градови, особено подалеку, Србија, Бугарија и сл., детето редовно губеше во првото коло. Проблемот не заинтригира и мене и неговиот дедо, познат спортист. Увидовме дека на секое патување на турнир го испраќа неговата баба, која редовно го советуваше до зборовите, цитирам „пази бабе да не се убијаш таму”. Ова е сосема банален пример како се демотивира еден натпреварувач од областа на боречките спортови.
Што треба да знае тренерот за психолошките припреми
Е сега за брза мотивација на своите натпреварувачи, тренерот секогаш треба да води сметка неговиот натпреварувач да биде максимално смирен, концентриран и однапред да ја има преставата за борбата што го очекува. Тука се мисли на позиција, движење, гард, промена на гард, ниска или висока борба, лева или десна страна, ножна или рачна техника и кога се користи џокер или пожртвувана техника. За таква обука потребни се 10-тина минути на крајот од секој тренинг. Психолозите кај напредните натпреварувачи користат техника наречена водена фантазија, која би ја објаснил во некоја наредна прилика.
Тренерот пред да го упати борецот на натпреварување треба да ги има во увид следните физички предиспозиции на својот натпреварувач како што се: окретност, скочност, гипкост, експлозивност, баланс, снага и издржливост. Напоменувам дека физичките својства на активноста на мускулатурата се интимно поврзани со емоциите. Контрола на овие способности се прави со водење на систематизиран протокол во кој од 1 до 10 се оценува секоја посебно, при што се вади средна вредност на секоја полусезона. Во овој контекс треба да се следи и времето на реакција на лева и десна нога, односно рака на визуелен и аудитивен сигнал. Истото се прави со примена на електронски реакциометар, кој ги има во сите спортски амбуланти. Или импровизирано со користење на линијар од 30 центиметри, а по потреба и степ-тест на брзина на екстремитетите. Мерењето на другите потенцијали се прават под оптеретување и мерење на нормализацијата на пулсот. Во таков контекс на напор и појачана акција се применува техника на смирување на дишењето која се изведува во траење од 4 минути со нагласок на експириумот. Оваа техника според Решетников и Хавелка, мора да се увежба на тренинг во фазата на преднатпреварувачки период. Техниката лесно се совладува.
Еден од главните проблеми на психолошката припрема е адаптацијата на борилиштето и амбиентот. Малкумина тренери се свесни дека џудистите кои настапуваат на турнири при гостување наидуваат на различни услови, на кои овие не се навикнале при тренажниот процес. Тука се мисли на тремата, просторот во салата, температурата на воздухот, светлината, густината на натпреварувачи, распоредот на борби и огарничувањата на татамите, судењето и организацискиот карактер. Тренерот е должен пред борба да го укаже тоа на тимот кој настапува. Да ги усмери со внимание да ги забележат сите овие елементи како би биле свесни за организирање на спацијално-просторниот фактор. Тоа го смирува натпреварувачот и го прави поконцентриран.
Духот на тимскиот ангажман е кратка динамска техника неопходна пред секој турнир, како би натпреварувачите се бодреле еден со друг, но и би ја одржале самодовребата. Тоа се прави со седење во круг на крајот од тренингот и меѓусебно брифирање за секој поединечно. Многу е важна поддршката која тренерот ќе ја дава за време на борбата. Таа вербализација однапред треба да биде договорена. Тоа значи натпреварувачот треба да знае што и во кој момент ќе добие како совет од својот тренер. После секоја борба се прави кратка анализа на текот на борбата, и без разлика за добрите или лошите елементи се зборува отворено.
Во духот на олимпизмот
Ова се само некои основни елементи на психолошка припрема на џудисти во категоријата која се стреми да постигне повисоки спортски резултати или да го подобри сопствениот животен стил. Во практичната работа одат техниките за припрема за борба, редукција на анксиозноста или трема, страв од пораз, стимулација за успех, припрема за поминување на повисок ранг, техники за самоконтрола и ниво на аспирација. Тоа се битни елементи кои се потребни од кадети да се премине во постари јуниори, односно од плав појас, да се стекне со ранг на мајсторски кандидат, односно да се стане подобар човек.
Да напоменам дека џудото од 1964 година е Олимписки спорт, што значи дека има посебен рејтинг како базичен спорт. Препорака е на Меѓународниот олимписки комитетет, секој сериозен кандидат да има свој тренер, кондиционен тренер, доктор, диететичар и психолог. Во изворното џудо не постои само тренер, туку постои сенсеи (учител) кој се грижи не само за спортските резултати, туку и за човечките квалитети на џудистот. А само медалот освоен од зрели спортисти има посебен сјај.
На секој тренер од ЏФМ му стојам на располагање.
Авторот Јован Велески е член на Лекарската комисија на ЏФМ и поранешен советник на Олимпијадата во Атина за волонтерски прашања.
(овој текст е во рамките на програмата за одбележување на Деновите на психологијата кои годинава ќе се оддржуваат под пораката Еден за сите, сите за еден!)