Женската кадетска репрезентација освои бронзен медал на меѓународен турнир во Србија

Кадетската репрезентација во машка и женска конкуренција учествуиваше на турнирот „Србија опен 2019“. На 21 и 22 ноември се одржа меѓународен џудо камп, репрезентативците имаа по два џудо тренинга на ден.

На 23 ноември во спортската сала Шумице во Белград се одржа и натпреварот во екипна конкуренција. Машката кадетска репрезентација во конкуренција на 13 екипи беше дел од ждрепката во група А каде покрај нашата репрезентација настапија и екипите на Србија – А, ВГСК Велико градиште и Раковица – Белград.

Во екипна конкуренција во оваа група првото место и влезот во финалето го избори тимот на Србија – А, нашиот состав беше поразен и не успеа да влезе во полуфиналето или во финалето. Женската кадетска репрезентација во конкуренција на четири екипи се закити со бронзениот медал, тие беа поразени од екипите на Србија – А и Србија – Б, а со екипата на Дробета – Турну Северин од Романија резултатот бепе 3:3, по што беше влечена ждрепка и повторно се бореа натпреварувачките во категоријата до 48 кг, каде Теодора Димеска ја победи Стефанија Станицу и нашата екипа победи со резултат 4:3 и го освои бронзениот медал.

 Кадети:

Ангелески Христијан -60 кг.

Цаневски Валентин -66 кг.

Талески Антонио -73 кг.

Глигороски Христијан -81 кг.

Најдоски Јован +81 кг.

Кадетки :

Димеска Теодора -48 кг.

Ема Димитријоска -52 кг.

Марија Талеска -57 кг.

Фејзула Румејса -63 кг.

Колева Благица +70 кг.

Горан Мицкоски, селекторот на јуниорската репрезентација ги предводеше репрезентативците од машката и женската екипа. Тој ни ги пренесе неговите видувања веднаш по настанот: „Нашите репрезентативци со срце ги бранеа нашето знаме и боите на нашата држава, среќен сум што оваа нова генерација во кадетска конкуренција полека но сигурно зачекорува по стапките на повозрасните репрезентативци со кои сум се радувал на многу наши заеднички успеси. Машките беа поразени, но имаа секој по три меча со своите врсници со кои можеби ќе се сретнат на некој европски куп или официјално европско или светско првенство, што за нив е одлично. Женските ги избубија двата меча против Србија – А и Србија – Б, но ја поберија екипата на Дробета- Турну Северин од Романија и се закитија со бронзата. Ќе потенцирам дека бронзениот медел за овие млади девојки ќе значи поттик повеќе за нивната иднина, ова е само уште еден показател дека нив им претстои светла иднина. Ја користам оваа прилика да им честитам и на машката и на женската екипа за борбеноста и успехот кој го направија. На крајот од името на репрезентативците и од мое лично име се заблагодарувам на раководството и на нашата џудо федерација што ни овозможија учество на еден ваков настан од висок ранг“.

Џудо федерацијата на Република Северна Македонија им го честита успехот на овие млади репрезентaтивци и им посакува да освојуваат уште многу медали во иднина.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *