Се одржаа Државните првенства во пионерска и сениорска конкуренција

Во организација на Џудо федерацијата на Македонија, а со техничка поддршка од ЏК „Сеишин“ од Прилеп, во неделата, на 8 март во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп се одржаа Државните првенства во џудо во пионерска и во сениорска конкуренција.

Првенствата ги отвори претседателот на ЏФРСМ, Владимир Трпаноски, но натпреварите се одржаа без публика поради препораките од Владата и од  Министерството за здравство за превентива од корона вирусот.

Сепак, беа ангажирани служби од полицијата, прва помош, противпожарна единица и агенција за обезбедување.

Право на учество на првенствата имаа џудисти родени 2005 година и постари, кои се регистрирани во ЏФСМ во 2020 година и имаат заверен лекарски преглед.

На натпреварот учествуваа вкупно 161 натпреварувач, од кои 82 пионери (52 во машка и 30 во женска конкуренција) и  79 сениори (55 во машка и 24 во женска конкуренција).

Во Кочани се одржа заеднички тренинг на џудо клубови од Македонија и Бугарија

Џудо клубот „Гладијатор“ од Кочани денеска беше домаќин на заеднички тренинг со клубовите „Сеишин„, „Прилеп“ и „Санкаку“ од Прилеп, „Пелистер“ од Битола, „Рудар“ од Македонска Каменица и „Џудо за сите“ од Софија, Република Бугарија.

– Како клуб што работи 5-6 години во источниот регион во нашата држава активно сме вклучени во сите проекти, во државните и меѓународните првенства, а со денешниот тренинг го означуваме почетокот на проектот „Џудо за сите“. Се работи за инклузивно џудо, при што нашите гости од Бугарија донесоа џудисти со попреченост, со што сакаме да покажеме дека и лицата кои имаат хендикеп и на некој начин се занемарени во општественото живеење, можат да  бидат вклучени во спортот. Тоа значи дека џудото нема граници, истакна Драган Шеќероски од ЏК „Гладијатор“.

Гостите од Бугарија искажаа задоволство од поканата за заедничкиот тренинг во Кочани и за реализацијата на проектот за инклузија  на лицата со хендикеп, при што даваат поддршка за неговото успешно спроведување

– За прв пат доаѓаме во Македонија, во Кочани, каде нашиот домаќин, сенсеи Драган Шеќероски изрази желба да работиме заедно. Во Бугарија џудото како спорт го практикуваме од 7-годишна возраст за лицата со проблеми со слухот.  Проектот „Judo for all“ во Бугарија е со цел да покажеме дека лицата со хендикеп, исто како и останатите, можат да го практикуваат џудото заедно. Ако во Кочани има лица со оштетен слух, можат да се пријават во ЏК „Гладијатор“ за да тренираат, и преку нашиот проект ќе работиме на натамошниот развој, истакна претставникот на проектот „Џудо за сите“ од Бугарија.

ЏК „Сеишин“ од Прилеп со кој кочанските џудисти и досега имаат одлична соработка, се вклучува во проектот „Џудо за сите“, а се размилсува за слични заеднички тренинзи и со клубови од другите соседни држави.

– Оваа соработка за нас многу значи, особено што клубовите кои денеска се присутни на овој заеднички тренинг, соработуваат подолго време на високо ниво.  Присуството на гости од Бугарија пак, тоа уште повеќе го унапредува и ќе значи размена на искуства, како за нас тренерите и стручните кадри, така и за нашите натпреварувачи. Согласно календарот на Џудо федерацијата, како што се одржуваат редовните државни првенства и учеството на турнири, имаме зацртано уште неколку вакви заеднички тренинзи со клубови од соседните држави, истакна Дејан Мицкоски од ЏК „Сеишин“ од Прилеп.

На заедничкиот тренинг на македонските и бугарските џудисти присуствуваше и претседателот на ДАН комисијата при ЏФРСМ, Ѓуро Илиќ, кој позитивно ја оцени соработката и почетокот на проектот „Џудо за сите“

-Заедничките тренинзи се од големо значење за размена на искуства и за унапредување на џудо техниката. На денешниот тренинг акцент ставаме на примената на контра техники и комбинација, односно рензоку ваза и каиши ваза. Интенцијата на повеќето џудо мајстори во нашата држава е што повеќе меѓусебно да се запознаваат и да соработуваат клубовите, особено преку одржување вакви викенд тренинзи, истакна Ѓуро Илиќ, претседател на ДАН комисијата.

 

 

ЏК „Дрим“ во Струга го организираше вториот семинар за лиценцирање тренери и судии

Џудо клубот „Дрим“ од Струга денеска беше домаќин на вториот семинар за лиценцирање на џудо тренери и џудо судии, на кој учествуваа 27 млади, нови тренери кои што сакаат да почнат да работат, да добијат дозвола за работа и лиценца. Исто така, присутни беа и млади судии кои планираат да напредуваат во својата кариера. Тие полагаа теоретски тест, а на главните државни првенства ќе го полагаат и практичниот тест.


– Како член на комисијата, заедно со моите двајца колеги, имаме подготвено неколку презентации за нашите колеги тренери. Едната е на колегата Ѓорѓија Стојанов, кој што ќе зборува во делот на нутрциски протоколи, а јас имам подготвено тема за етички кодекс на однесување на тренерите. Судиската комисија, во делот за судиите, има подготвено свои теми кои ќе бидат одработени денеска. Струга е град каде џудото веќе неколку години традиционално се подигнува на се повисоко ниво  и нашата џудо федерација го одреди како домаќин.  Џудо клубот „Дрим“ како технички организатор ни нуди  одлични услови , рече Горан Мицкоски, член на Комисијата за едукација и лиценцирање на џудо тренери на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија.

-Џудо федерацијата на Македонија ни ја даде честа да бидеме организатори на овој семинар. Се надевам дека сите присутни ќе бидат задоволни од нашата организација и дека сите присутни ќе се стекнат со потребите знаења што понатаму ќе им служат во тренерската и судиската работа. На тој начин, ќе имаме се поголеми успеси во џудо спортот, изјави Ѓорѓија Стојанов од ЏК „Дрим“  и член на Комисијата за едукација и лиценцирање на џудо тренери.

-Вториот судиски семинар  ги опфати измените на најновите правила од Интернационалната џудо федерација , а ќе ги разгледуваме и правилата одржани од страна на  ИЏФ во  Доха, Катар. Истите правила веќе ги разгледавме, а ова е втор семинар на кој имаме презентација на истите правила и  промените кои се донесени. Ќе има лиценцирање за постојните судии, како и полагање за нови судии, изјави Златко Јолески, претседател на судиската комисија на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија.

Веќе следната недела, на 8 март следува првото Државно првенство, а комисијата денеска одржа состанок на кој беа утврдени лиценците и дозволите за работа за сите џудо-тренери. Листата на сите носители на џудо тренери ќе биде објавена наскоро и ќе се работи соодветно на Статутот и Правилникот.

Јавен повик за пријавување проекти во склоп на програмските насоки и цели на ЏФРСМ

Согласно надлежностите на Спортскиот директор предвидени во  член  46 и член 48 од Статутот на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија, се објавува  јавен повик до сите тела и членови на Џудо федерацијата на Република Северна Македонија, како и останати правни и физички субјекти кои не се членови на џудо федерацијата , односно заинтересеирани страни за остварување на заеднички проекти во интерес  на развој на џудото во Република Северна Македонија.

Имено, во програмските активности за Спортскиот директор и Годишната програма на Џудо федерацијата предвидени се мерки и активности за унапредување на џудото во федерацијата, како и џудо спортот воопшто во Република Северна Македонија. Со цел поуспешно спроведување на општата програма  за спортски активности на џудо федерацијата, како и  унапредување на стручните кадри , иницирани се следните носечки проекти :

1.Проект „ХАЏИМЕ“  –  наменет за зајакнување на комуникацијата на џудо заедницата во федерацијата ( во соработка со Стручен совет и џудо клубови) 

2.Проект „РАНДОРИ“ – наменет за подигнување на нивото на подготвеност на џудистите преку контролни активности и следење на нивните потенцијали ( во соработка со Стручен совет и џудо клубови)  

3. Проект „РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА“ во соработка со Стручен совет и Селектори – наменет за координирани и компактни активности на Џудо селекциите во рамките на федерацијата и соработка со останати џудо федерации членки на ИЏФ ( во соработка со Стручен совет и селектори) 

4. Проект „ ВО ГАРД СО….“ – наменет за омасовување на џудо заедницата преку  промоција на клубови и поедници членови на џудо федерацијата ( во соработка со медиа директор) 

5. Проект „ ЏУДО И ЗДРАВЈЕ“ – наменет за подигнување на нивото на здравствена култура на џудо заедницата , начинот на исхрана и менталниот степен на подготвеност ( во соработка со Здравствена комисија)

6. Проект „ ЏУДО ВО ПОЛИЦИЈА И АРМИЈА“ – наменет за повискот степен на имплементирање на џудото во полицијата и армијата, како  и зајакнување на комуникацијата и соработката на спортски план со истите (во соработка со Претседателство на ЏФРСМ ) 

7. Проект „ ЏУДО – ПРВА ЉУБОВ“ – наменет за омасовување и унапредување на џудо спортот за намладата возрасна категорија  во џудо заедницата ( во соработка со Стручен совет и џудо клубови) 

8. Проект „ ТИН ЏУДО“ -наменет за омасовување, унапредување и поттикнување  на интерес за практикување на џудо вештина за тинејџери, односно пионерска и кадетска популација ( во соработка со Стручен совет и џудо клубови) 

9. Проект  „ ЏУДО ВЕТЕРАНИ“ – наменет за промоција, практикување на џудо и унапредување на спортски активности на повозрасните од џудо популацијата ( во соработка со Стручен совет и џудо клубови) 

10. Проект „ ЏУДО ХУМАНОСТ,ЗАЕДНИШТВО И ЕКОЛОГИЈА“ – наменет за промоција и спортски активности  на џудо заедницата  преку  проекти за подигање на општествената, хуманата  и еколошката свест на граѓаните (во соработка со Стручен совет и џудо клубови) 

Потребно е да доставите Нацрт или Предлог проект  којшто би се вклопил во програмските  насоки и цели  на телото на федерацијата кое го објавува јавниот повик.

Рокот за доставување на Вашите предлози е 15 дена од денот на објавување на овој Јавен повик поставен на официјалната веб страница на Федерацијата и фејсбук профилот на Федерацијата, при тоа  истите можете да ги доставите на емаил gmircheski@yahoo.com или office@judo.org.mk  со назнака „За јавен повик од Спортски директор“. 

Доставените проекти ќе бидат разгледани од соодветното тело и комисија на џудо федерацијата и во подготвителна фаза ќе бидат предложени до Извршниот одбор на Федерацијата.  

Проектните активности ќе бидат координирани од спортскиот директор, м-р Ѓоре Мирчески и соодветното тело за проектот, со надзор на претседателот на ЏФРСМ , Владимир Трпаноски.

Во Прилеп ќе се одржи Државно првенство во џудо во пионерска и сениорска конкуренција

В недела, 8 март, во спортската сала на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ во Прилеп, ќе се одржи Државно првенство во џудо за пионери, пионерки, сениори и сениорки.

Организатор на првенството е Џудо федерацијата на Македонија со техничка поддршка од ЏК “Сеишин“ од Прилеп.

Џудо клубовите за официјалното мерење може да пријават неограничен број џудисти. Право на учество имаат џудисти родени 2005 година и постари, кои се регистрирани во ЏФСМ во 2020 година и имаат заверен лекарски преглед, не постар од 6 месеци, кај специјалист по спортска медицина. Сите останати немаат право на настап.

Џудистите кои припаѓаат на возрасната група кадети/ки родени 2005, 2004 и 2003 година задолжително да приложат согласност за учество потпишана од родителот и заверена на нотар и согласност за учество потпишана и печатирана од страна на одговорно лице/тренер на клубот.

Во прилог се потребните документи за пријавување учество на првенството.

ПРОПОЗИЦИИ ЗА ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ЗА ПИОНЕРИ/КИ 2020

ПРОПОЗИЦИИ ЗА ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО ЗА СЕНИОРИ/КИ 2020

Пријава за пионери

Пријава за пионерки

Пријава за сениори

Пријава за сениорки

Изјава на клубот

 

ЏК „Дрим“ ќе соработува со здружението „Порака Нова“

Џудо клубот „Дрим” од Струга во средата, на 27 февруари потпиша меморандум за соработка со „Порака Нова“ Здружение Центар со што ќе се работи на подобрување на квалитетот за живот на лицата со интелектуална попреченост.


Со овој меморандум се започнува соработка и дружење помеѓу двете здруженија, како и имплементирање на џудо спортот кај лицата со попреченост, со цел подобрување на здравствените бенефити како и психомоторните способности преку тренинг, игра, забава и дружење.

Ова ќе биде уште еден доказ дека џудо спортот не познава бариери и граници.
Азра Дедиќ е европски првак од БиХ со попреченост, дали наредниот ќе биде од Македонија?

Џудо федерацијата почнува проект „Џудо во училиштата“

Џудо федерацијата на  Македонија, во соработка со Светската џудо федерација, оваа година ќе започне со реализација на проектот ,,Џудо во училиштата“.

По тој повод Светската џудо федерација ќе донира 10 борилишта (татами), 50 џудо кимона за учениците, како и финансиски средства во висина од 500 американски долари, како хонорар за реализаторите на овој проект.

Бидејќи се работи за многу важен проект, Федерацијата ги поканува сите заинтересирани да се пријават на конкурсот за да може проектот да се реализира по највисоки стандарди. Притоа треба да се почитуваат условите пропишани во конкурсот со цел за рамномерен развој на џудо спортот на територија на целата држава.

ИЗВЕСТУВАЊЕ СО КОНКУРС ЗА УЧЕСТВО ВО ПРОЕКТОТ

ПИСМО ЗА НАМЕРИ

Членови на ЏК „Сеишин“ меѓу најдобрите на изборот на спортист на Прилеп за 2019 година

На 07. февруари се одржа манифестацијата за прогласување на најдобри спортисти, клубови, тренери и спортски работници за 2019 година во општина Прилеп.


На оваа манифестација членката на ЏК „Сеишин“, Теодора Димеска се најде меѓу десетте најдобри спортисти во сениорска конкуренција, додека главниот тренер на клубот, Дејан Мицкоски беше прогласен за најдобар  тренер за 2019 година.

Мицкоски пред својот стручен тим и клупските колеги соопшти дека добиената плакета ја споделува со останатите колеги од тимот тренери  кои имаат  заеднички заслуги за успесите во изминатата година. Признанието ќе ја краси клупската канцеларија, заедно со другите одличја и награди.