Трисетина млади џудисти од Кочани и Зрновци кои се членови на ЏК „Гладијатор“, беа кандидати на испитното полагање за појас што во саботата, на 18 мај се одржа во салата на ОУ „Синиша Стоилов“ во Зрновци.

Најголем дел од нив беа на училишна возраст и полагаа во неколку категориии, односно од жолт до зелен појас. Тоа значи дека за повеќето полагањето беше првиот чекор во напредувањето и изучувањето на вештините на џудото, а од кочанскиот клуб изразија задоволство од прикажаното и подготвеноста на кандидатите.

– Според новиот правилник на ДАН комисијата при ЏФМ, полагањето ќе го води и надгледува тричлена клупска комисија и плус претставник од ДАН комисијата. Сето ова се прави и организира со цел да се поткрене нивото и квалитетот на самото полагање, односно појасите да бидат според заслуга.  Вакви полагања се организираат двапати годишно, во пролетниот и есенскиот дел, ние ги организираме постојано, а според резултатите што претходно ги имаат покажано децата, како напредуваат на самите тренинзи, зависи и бројката. Еве сега, имаме бројка од над 30 полагачи, рече Вера Шеќероска, претседател на ЏК „Гладијатор“.

Иако во регионот џудото е релативно нова вештина што ја учат младите, сепак со работата на ЏК “Гладијатор“ во изминатите околу три години веќе се постигнати видливи резултати, како со учеството на домашни, така и на турнири во странство. На тој начин успешно се работи на популаризација на оваа спортска дисциплина, која привлекува се поголем број млади луѓе од општините Кочани и Зрновци.