Нова, втора по ред во само неколку месеци финансиска помош обезбеди џудо федерацијата за клубовите членки, со цел да им помогне да го надминат овој кризен период во кој корона вирусот има огромно влијание врз овој спорт. Дополнително, џудо федерацијата одлучи да ги ослободи клубовите од плаќање на годишната котизација како уште една мерка за поддршка на македонските џудо клубови. Ова беа двете најзначајни одлуки кои беа донесени на редовната седница на извршниот одбор која во саботата, 3 април, под посебни протоколи за заштита од ширење на пандемијата се оддржа во големата сала на општина Прилеп.

Покрај овие две точки, на седницата на извршниот одбор се дискутираше и за влијанието на короната и за можниот почеток на сезоната во следниот период. На седницата активно учество зедоа и селекторите и претседателите на комисиите кои најпрво се осврнаа кон се она што го сработија во изминатите неколку месеци, а потоа дадоа и свои видувања за предизвиците со кои што ќе се соочуваат во следниот период како резултат од негативните последици од корона вирусот.

До крајот на седницата беа усвоени ранг листата за 2020 година, планот, програмата, и календарот за 2021 година, правилата за учество на Државни првенства и натпревари во 2021 година, како и правилникот за рангирање.