Тренерскиот процес кај џудистот може да се одвива беспрекорно во потполн техничко-тактички и кондиционенен режим. Методологијата на тренажниот процес да е најсовремена, а натпреварувачот искусен, да ги познава противниците, нивниот потенцијал и кредибилитет. Сепак, и во вакви услови може да се појави стартна напнатост. Стартната напнатост е секогаш поврзана со тремата и анксиозноста која се појавува кај натпреварувачот, непосредно пред самото натпреварување. Иако изгледаат мирни и сигурни пред да излезат на борилиште во секој натпреварувач се случуваат мноштво на физиолошки и психолошки процеси кои ја детерминираат нивната борбена мотивација. Напоменувам дека џудото е спорт каде имаме владеење со борбена вештина, а секоја борбена вештина има едноставна егзистенцијална порака: да се преживее или да се изгуби. Вештината на тренерот кој го води натпреварувачот е да ја препознае таа состојба и да му даде адекватна инструкција. Во продолжение на текстот ќе се апстрахирам од физичките својства на спортистите и ќе зборувам само за психо-физиолошката феноменологија, иако едното со другото се интимно поврзани.

Појавата на стартната напетост има свој позитивен и негативен ефект врз натпреварувачот. Кај натпреварувачот се вдалбнува дишењето, се затега тонусот на мускулите, се забрзува пулсот за да се пумпа повеќе крв во мозокот и во мускулите, подоцна низ борбата се контрахира слезината да го зголеми бројот на крвните зрнца, се зголемува присуството на шеќерот во крвта, се отвараат депоата на масти за да се ослободи енергијата потребни за зголемен напор и се активираат мноштво други хормонални активности во организмот. Од психолошките феномени, се зголемува тенацитетот на вниманието за да се усмери на конкретна ситуација, но се смалува неговата вигилност, логичкото размислување се поврзува со помнењето на моторното учење за борбените асоцијации да течат брзо и да најдат решение, односно да се адаптираат на борбената ситуација. И се до оваа фаза појавата на оваа состојба е добра, но проблем настанува ако се појави афективен односно емотивен одговор испровоцирани од ситуацијата, како што се лутина, страв, немоќ или деконцентрација. Во ваква ситуација се активираат одбрамбените психолошки механизми и се пролонгира ендокрино-физиолошката активност што доведува до физичко и психичко исцрпување. Ваква состојба вообичаено се случува кај борци од различен квалитет, но и кај квалитетните натпреварувачи, а особено кога борбата се продолжува со златен бод.

Токму спортските правилата на кои се базира натпреварувачкото џудо, ги зеле во предвид овие состојби и освен бодирање на успешна акција, предвидели и казни за дефанзивата. Зошто кога анксиозноста ќе порасне и кога имаме појак емотивен одговор на страв, немоќ или деконцентрација, во потешки случаеви иритабилност и тремор, организмот на натпреварувачот вообичаено реагира со повлекување. Во споредба со принципот од типот попушти за да победиш, овде се појавува принцип попушти оти неможеш да победиш. И нормално следува казнени поени. Исто така и појавата на лутина може да доведе по погрешени потези за кој натпреварувачот може во најмала рака да добие казна или да налета на контра на противникот. Во продолжение ќе опишам како тренерот да се справи со овие состојби кои предходно ги наведов.

Во вакви состојби волевиот момент може да биде потиснат иако џудистот има енергетски потенцијал и желба за акција, афективната реакција ќе даде лош реактивен одговор и не ќе може да ја поврзе намерата и целта. Сите овие состојби во главно се решават со учење на контрола, одклонување на грешките при тренинг и увид. Воглавно тренерот може да ги реши со дополнителни психолошки припреми на своите натпреварувачи. Но при потешки ситуации треба да се побара помош од спортски или медицински психолог, но не и од психотерапевт.

1. За состојбата на лутина се користи методот на согорување

2. За состојбата на страв се користи методот на преплавување

3. За состојбата на немоќ се користи афирмативен тренинг

4. За состојбата на деконцетрација се користи визуелизација.

Препорака на тренерите е овие состојби на стартна напетост да ги решават неколку недели пред натпреварувањето или во текот на тренажниот процес, наједноставно со мерење на времето на реакција на обичен реакциометар на лева, односно, десна нога или лева односно десна рака, на аудитивен или визуелен сигнал. Така ќе имаат увид до кој степен се нивните натпреварувачи. Многу е битно да се ослободи ритамот на дишење и да се смири пулсот. Често пред натпреварување се практицира тренинг со одење во природа, со брзина од 100 чекори во минута. По препорака на кардиолозите во траење од 30 до 60 минути, лесно истегнување и разгибување со спори покрети.

Е сега прашањето е како еден тренер да постапи пред да го испрати својот натпреварувач во борба. Преголемото опуштање може да го смали акцискиот потенцијал на натпреварувачот. Тоа се случи со Чешкиот олимписки тим на Олимпијадата во Сиднеј 2008 година. Препораката за седативи или суплементи го доведе РК Пелистер да го изгуби финалето на Челинџ купот од Скјерн, иако во првиот натпревар имаше домашна предност од 7 гола разлика. Премала стартна напетост истотака ги доведе до пораз на свој терен ракометарките на Ѓорче Петров во финалето на Лигата на шампионите, а некои врвни џудисти како што се Мајдов, Молаи, Тушашшвили, Нагајама, Трстењак и други, екстремната варијацијата на стартната напетост ги одалечи од потполн успех на последниот турнир од СП во Токио, во периодот на златен бод.

Е сега што треба да направи еден тренер пред да го изнесе својот џудока од соблекувална и да го воведе во борба. Првин треба да го погледне во очите да му го задржи погледот/визуелизацијата на себе. Со тоа му ја стабилизира рамнотежата. Да му сугерира на натпреварувачот да ја стави десната рака на своите гради, да му речи да земе ваздух, да го задржи и полека да го испушти. Тоа да го направи 3-4 пати. Со тоа му ја повикува концентрацијата. Полека да го искрцка вратот на лева, па на десна страна, па еден полукруг, да ги затвори очите и да го смири дишењето 20-30 секунди. Со тоа ја намалува анксиозноста. При излегувањето на тататми му се сугерира на борецот да го фокусира својот поглед на погледот на противникот за да се адаптира на ситуацијата… и борбата може да започне. Јапонскиот женски џудо тим користи краток, остар извик со кој се испушта сиот воздух од дробовите за да се отвори нов ритам на дишење кој се наметнува низ борбата. Тоа е за почеток…

 

Авторот Јован Велески е член на Лекарската комисија на ЏФМ.
(овој текст е во рамките на програмата за одбележување на Деновите на психологијата кои годинава ќе се оддржуваат под пораката Еден за сите, сите за еден!)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *