Весникот „Нова Македонија“ објави интервју со претседателот на  Џудо федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, во кое тој зборува за актуелните активности во период на здравствена криза поради пандемијата од Ковид-19. Во продолжение го пренесуваме интервјуто во целост.

 

Македонија и македонските џудисти ќе ги ставиме на мапата на големите меѓународни натпреварувања

Како еден од врвните приоритети ни се развивање и популаризација на џудо-спортот во Македонија, за што прво што направивме во претходниот период е стабилизација на своето и работењето на клубовите. Создадовме активности за константен напредок и помош на клубовите, така што во наредниот период сигурно ќе се зголеми бројот на џудоки. Преку едукација, целта ни е овој благороден спорт да се доближи до секое дете, преку негово изучување и тренинг во училиштата. Заложба е и на Светската џудо-федерација да се крене во рамките што ги заслужува овој спорт преку финансиска поддршка најмалку во десет училишта во Македонија, со опрема и финансиски надомест за стручните лица што ќе го водат тренажниот процес, изјави во интервјуто за „Нова Македонија“ претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, поранешен џудист, долгогодишен активен член на Федерацијата, етаблиран професионалец во деловното опкружување и актуелен комерцијален директор на „Витаминка“ АД – Прилеп. На чело на Федерацијата е од 19 септември 2019 година.

Каква е иднината на џудото во Македонија?
– Во изминатиот период, пред да почне здравствената криза, веќе имаше забележителен пораст на интересот во однос на членовите, а клубовите вршеа одлична работа во поставување на темелите за привлекување поголемо членство. Имаме подготвено стратегија и планови како да го постигнеме тоа и точно знаме кон што се движиме и која ни е целта што сакаме да ја постигнеме, но во имплементацијата на дел од овие планови треба да почекаме некои побезбедни времиња. Македонија и македонските џудисти ќе ги ставиме на мапата на големите меѓународни натпреварувања, имаме капацитет, интерес, желба и знаење и, најважно од сѐ, едуцирани тренери, кои добро го познаваат овој спорт, а наедно се и одлични педагози.

Кои активности Федерацијата ги презема во овој период, додека владее ковид-19?
– Како Федерација и понатаму работиме со максимална посветеност на популаризација на џудо-спортот и кревање на повисоко ниво на застапеноста и натпреварувачките капацитети. Овие активности и во вообичаени, не вонредни услови, ги правиме преку разни начини и алатки, кои не секогаш подразбираат физичко присуство или контакт. Во постојана комуникација сме со клубовите, со нашите партнери и пријатели, федерациите од другите земји, школи, со кои имаме воспоставено соработка и релации и со канцеларијата на Светската џудо-федерација. Непрекинато се одвиваат административните, структурните и организациските работи во однос на лиценци, тренери, изработка на правилници за работа и нивно усогласување по стандардите на Светска џудо-федерација. Токму во овој период е воспоставена и соработка со Факултетот за физичка култура преку меморандумот за соработка, со кој ќе се даде научна поддршка за реализација на развојната програма на Федерацијата. Со научната и експертска поддршка од факултетот, ќе се овозможи едукација на кадрите и кревање на нивото на знаење и вештини кај членството на Федерацијата. Ова, пак, нѐ носи чекор поблиску кон институционализација на џудото во Македонија.

Како се снаоѓате во услови на пандемија?
– Единствено нешто што во овој период не се одвива се тренинзите во сала, за кои уште чекаме потпишани протоколи, кои ни се изработени на највисоко ниво и предадени до надлежните институции, додека времето уште ни дозволува интензивно да работиме на отворено во делот на кондициски подготовки. Тоа е можеби е најпредизвикувачкиот дел, кога станува збор за тренирање со учител-мајстор. Но и за тоа постојат начини и решенија, за спортистите да ја зачуваат својата форма. Може да се споделуваат совети, да се дадат насоки, да се направат консултации преку дигиталните алатки, да се тренира на отворено за кондициска подготвеност. Од друга страна, џудото како и секој спорт подразбира и физичка подготвеност, дисциплина во исхрана, биоритам и воопшто начин на водење живот, а тоа спортистите можат и го прават и индивидуално. Условите не се едноставни, ниту, пак, вообичаени, но, исто така, не е вообичаена и реалноста во која живееме. Затоа се приспособуваме да останеме фокусирани и засега добро функционираме и во ваков свет.

Кои се протоколите што им ги наложува Светската џудо-федерација на своите членки?
– Тие протоколи не се разликуваат многу од општите антиковид-протоколи и заштитни мерки, зголемена хигиена, носење заштитни маски, користење дезинфекциски средства, држење дистанца, кога е тоа апликативно и можно. Сето тоа со следење на локалните препораки од домашните институции и тела. Постојат и препораки во случај на одржување турнири и натпревари, каде што овие мерки се однесуваат на конкретните чекори и процесот на одвивање, но суштината е иста – хигиена, маски, дезинфекција, координатори итн.

Што се случува со олимписките квалификации и кога ќе продолжат?
– Ова не е поврзано само со нас, за тоа чекаме инструкции од повисоко ниво, од ИОК, од организаторот. Подготвени сме да ги следиме насоките и препораките. Желба за учество има, ги зајакнуваме и натпреварувачките капацитети, а ја имаме и поддршката од трети страни за реализација на ова и испраќање наши спортисти на квалификациите.

goce.i@novamakedonija.com.mk