ЕТИЧКИ КОДЕКС НА МЕЃУНАРОДНАТА ЏУДО ФЕДЕРАЦИЈА

1. ВОВЕД

Џудото, коешто е олимписки спорт од 1964 година, е создадено во 1882 година од Џигоро Кано како боречка вештина чијашто главна цел е физичко и интелектуално образование на мажите и жените. Во согласност со главните принципи што довеле до создавање на џудото, Меѓународната џудо федерација (ИЏФ) донесе Етички кодекс што е наменет за сите кои се вклучени во џудото. Во овој Етички кодекс се вградени и главните принципи на Етичкиот кодекс на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), што служи како појдовна точка и мора да се почитува.

Затоа, ИЏФ, нејзините членки и сите што се вклучени во организација на настан поврзан со ИЏФ мора да ги применуваат овие образовни вредности и овој кодекс на однесување и да обезбедат дека Етичкиот кодекс се почитува во сите области, места и околности (борилиште, тренинг, медиуми и др.).

2. ЕТИЧКИ КОДЕКС НА ИЏФ

« …ДОСТОИНСТВО

Заштитата на достоинството на индивидуалецот е основен постулат на олимпизмот. Затоа не смее да постои никаква дискриминација меѓу учесниците врз основа на раса, пол, етничка припадност, религија, филозофско или политичко убедување, брачен статус или врз друга основа. Строго се забранува секаков вид допинг на сите нивоа. Одредбите пропишани во Светскиот кодекс против допинг треба доследно да се почитуваат.

Се забрануваат сите форми на малтретирање на учесниците, без разлика дали станува збор за физичко, професионално, религиозно, политичко, хиерархиско или сексуално малтретирање, и секаква физичка или ментална повреда на учесниците.

Сите форми на учество во или поддршка на сите форми на промовирање обложување поврзано со спортот воопшто и особено поврзано со Олимписките игри се забранети и не смеат, на никаков начин, да го прекршуваат принципот на фер-плеј, да се покажува неспортско однесување или да постои обид да се влијае врз резултатот од некое натпреварување на начин што е спротивен на спортската етика…»

Сите претставници и службеници на ИЏФ, нејзините континентални, национални и други членки прифаќаат дека ќе ги почитуваат одредбите од Олимписката повелба и Етичкиот кодекс на МОК и ИЏФ. (Секаде каде што се споменуваат «олимписки претставници», се мисли на ИЏФ и нејзините структури и олимписките тела.)

3. НАТПРЕВАРУВАЧИ

Натпреварувачите, а особено шампионите, се лицето на џудото и преку своето однесување мора да ги пренесуваат образовните вредности и етиката на нашиот спорт.

Шампионите се лицето на џудото на борилиштата и надвор од нив.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ЦЕРЕМОНИЈАТА ЗА БОРБА

Церемонијата на поклонување е официјализирана од Образовната комисија на ИЏФ. Мора доследно да се почитува. Поклонувањата и особено поклонувањето кон противникот на почетокот од борбата мора строго да се почитуваат и забрането е да се користат поклонувања или церемонии од други боречки вештини или дисциплини. Се разбира, дозволено е да му се честита на противникот по завршувањето на борбата или да се даде извинување за непријатен гест.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА

Правилата на спортот и прописите против допинг и обложување мора доследно да се почитуваат.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ЛУЃЕТО И ОБЈЕКТИТЕ

– Во секое време, на противниците, тренерите, судиите, организаторите, гостите, медиумите и публиката мора да се обраќаме смирено и со почитување, без да се прават агресивни или непристојни гестикулации.

– Кодексот против допинг и прописите против обложување мора да се почитуваат.

– И победата и поразот мора да се прифатат со самоконтрола без претерано славење.

– Имајте самоконтрола и бидете дисциплинирани во сите околности.

– Не оштетувајте ја опремата и почитувајте ги сите објекти, хотели и други места кои ви се дадени на располагање.

– Џудистите го претставуваат спортот џудо и националните тимови на своите земји.

ПОЧИТУВАЊЕ НА УПАТСТВАТА И ПРОТОКОЛОТ

– Почитувајте ги правилата на натпреварувањето и упатствата на организаторите, а особено саатниците и различните протоколи.

– Секогаш почитувајте ги и секогаш контролирајте ги своите ставови и чувства при церемониите на доделување награди и сите други функции.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ХИГИЕНАТА

– Физичкиот изглед и чистотата се важни. Спречете ги заразите. Секогаш носете чисто кимоно според прописите на ИЏФ. Надвор од борилиштето секогаш носете обувки и никогаш не влегувајте на борилиштето или на татамите за загревање со обувки.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГИТЕ

– Не покажувајте никаков предмет, знак или религиозна гестикулација или движење кои може да бидат навредливи пред, за време на и по борбата или во текот на официјалните церемонии.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ОДЛУКИТЕ

– Почитувајте ја одлуката на судиите, без приговори, во текот на натпреварувањето и по него.

– НИКОГАШ НЕ ГУБЕТЕ БОРБА НАМЕРНО и секогаш информирајте ја ИЏФ за секој подарок што ќе ви биде понуден за да наместите борба.

4. ТРЕНЕРИТЕ И НИВНИТЕ ТИМОВИ

ФЕР-ПЛЕЈ

– Почитувајте го противникот, нивниот тренер, членовите на нивниот тим, судиите, сите лица вклучени во организацијата, гостите, медиумите и публиката.

– Почитувајте ги правилата на фер-плеј и секогаш однесувајте се примерно.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА

– Почитувајте ги Етичкиот кодекс, статутите и прописите на ИЏФ, прописите за организирање спортски настани, правилата против допинг и обложување, почитувајте ги упатствата од организаторите и особено саатниците и протоколите.

– Бидете тренер без да ги надминувате своите овластувања.

– Може да се понудат или да се прифатат само подароци со многу мала вредност, како знак на почитување или пријателство од олимписките претставници или ИЏФ, во согласност со локалните обичаи. Секој друг подарок примателот мора да го достави до организацијата на којашто припаѓа.

– Гостопримството кон олимписките претставници и сите што ги придружуваат не смее да излезе од нормите на земјата-домаќин.

– Почитувајте ги прописите за конфликт на интереси.

– Доследно почитувајте ги правилата и упатствата на ИЏФ за спортско обложување.

– Почитувајте ја непристрасноста и бранете го интегритетот на судиската организација.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА НА ОДНЕСУВАЊЕ

– Следете го и почитувајте го кодексот на однесување што е потребен за различните фази на натпреварувањето и настаните во врска со него.

– Бидете скромни во победата и достоинствено прифатете го поразот. Секогаш имајте самоконтрола и дисциплина: не покажувајте гнев или фрустрации – контролирајте ги чувствата.

– Почитувајте ја одлуката на судиите, без приговори, во текот на натпреварувањето и по него.

– Секогаш однесувајте се достоинствено и со почит.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГИТЕ

– Не покажувајте никаков предмет, знак, религиозна гестикулација или движење кои можат да бидат навредливи пред, за време на и по борбата или во текот на официјалните церемонии.

– Не покажувајте непочитување кон другите преку неконтролирани гестикулации или преку други дејства кои не се во согласност со постојните правила и во духот на џудото пред, за време на и по борбата.

– Не применувајте физичко или вербално насилство за време на борба и/или тренинг кон ниту еден џудист и кон ниту една личност.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ОБЈЕКТИТЕ

– Грижете се за сета опрема и почитувајте ги објектите во сите области и простории, вклучувајќи ги и хотелите и другите типови сместување.

– Од џудистите се очекува да ги претставуваат својот спорт, својата дисциплина и националните тимови на своите земји каде и да се наоѓаат.

5. СУДИИ

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА И ПРОПИСИТЕ

– Почитувајте ги Етичкиот кодекс, статутите и прописите на ИЏФ, како и прописите на организаторите на натпреварувањето. Секогаш почитувајте ги упатствата од организаторите и особено саатниците.

– Вршете ги задолженијата и задачите во рамките на одговорноста на судиите без да излегувате надвор од тие рамки. Почитувајте го судискиот етички кодекс.

– Може да се понудат или да се прифатат само подароци со многу мала вредност, како знак на почитување или пријателство од олимписките претставници или ИЏФ, во согласност со локалните обичаи. Секој друг подарок примателот мора да го достави до организацијата на којашто припаѓа.

– Гостопримството кон олимписките претставници и сите што ги придружуваат не смее да излезе од нормите на земјата-домаќин.

– Почитувајте ги прописите за конфликт на интереси.

– Доследно почитувајте ги правилата и упатствата на ИЏФ за спортско обложување. Почитувајте ја непристрасноста и бранете го интегритетот на судиската организација.

– Судиите кои биле избрани за да судат на светски првенства или Олимписки игри може да судат надвор од својата земја само со одобрение од претседателот на ИЏФ. Прекршувањето на ова правило значи поништување на нивниот избор.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА НА ОДНЕСУВАЊЕ

– Облекувајте се соодветно и почитувајте го кодексот на облекување. – Секогаш имајте самоконтрола и однесувајте се културно и љубено на борилиштето и надвор од него, во сите ситуации, без оглед да околината и секогаш контролирајте ги ставовите и емоциите.

– Задржете го за себе своето мислење за судиските одлуки што се носат во текот на натпреварувањето. – Не давајте никакви изјави во текот на натпреварувањето, освен ако тоа не се побара од ИЏФ.

6. ОФИЦИЈАЛНИ ПРЕТСТАВНИЦИ

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА

– Официјалните претставници на ИЏФ, континенталните сојузи и федерациите-членки се законски претставници на светското џудо и имајќи ја таа улога, треба да се однесуваат соодветно.

– Почитувајте ги Етичкиот кодекс, статутите и прописите на ИЏФ, како и улогата на официјален претставник без да излегувате надвор од тие рамки.

– Може да се понудат или да се прифатат само подароци со многу мала вредност, како знак на почитување или пријателство од олимписките претставници или ИЏФ, во согласност со локалните обичаи. Секој друг подарок примателот мора да го достави до организацијата на којашто припаѓа.

– Гостопримството кон олимписките претставници и сите што ги придружуваат не смее да излезе од нормите на земјата-домаќин.

– Почитувајте ги прописите за конфликт на интереси.

– Доследно почитувајте ги правилата и упатствата на ИЏФ за спортско обложување.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРАВИЛАТА НА ОДНЕСУВАЊЕ

– Почитувајте го кодексот на облекување што е соодветен за настаните.

ПОЧИТУВАЊЕ НА ДРУГИТЕ

– Не покажувајте никаков предмет, знак или религиозна гестикулација или движење кои можат да бидат навредливи пред, за време на и по борбата или во текот на официјалните церемонии.

– Не покажувајте непочитување кон другите преку неконтролирани гестикулации или преку други дејства кои не се во согласност со постојните правила и во духот на џудото пред, на и по борбата.

– Не применувајте физичко или вербално насилство кон ниту едно друго лице.

ПОЧИТУВАЊЕ НА РЕСУРСИТЕ

– Транспарентно управувајте со ресурсите што ви се ставени на располагање на официјалните претставници од страна на спортските и приватните субјекти и водете сметка за нивното користење.

7. ПРЕКРШУВАЊА НА ЕТИЧКИОТ КОДЕКС

– Во случај на докажано прекршување на Етичкиот кодекс, во зависност од сериозноста на утврдените факти, се изрекува усно предупредување или, ако е неопходно, се поднесува извештај во писмена форма до генералниот секретар на ИЏФ во седмицата по инцидентот.

– Извештајот во писмена форма мора да биде јасен и детален и да ги содржи фактите за инцидентот, имињата на вклучените лица, исказите на сведоците и да ги наведе адресите и телефонските броеви на сведоците кои може да помогнат за подобро расветлување на инцидентот. Извештајот мора да биде напишан на еден од трите официјални јазици на ИЏФ. Потврда за прием ќе биде испратена до засегната страна.

– Во зависност од утврдените факти, Етичката комисија на ИЏФ ќе достави предлог-одлука до Извршниот комитет на ИЏФ за евентуалните понатамошни дејства што треба да се преземат.

– Ако Извршниот комитет на ИЏФ, по разгледувањето на фактите, утврди дека е потребно свикување на Првостепената дисциплинска комисија, ќе постапи соодветно.

ИЗВЕШТАЈ ОД 10. ТРАДИЦИОНАЛЕН МЕЃУНАРОДEН ТУРНИР “ПРИЛЕП – ГРАД ХЕРОЈ -2018” ЗА ПОМЛАДИ ПИОНЕРИ/КИ, ПИОНЕРИ/КИ И КАДЕТИ/КИ

10. традиционален меѓународен џудо турнир “Прилеп – град херој 2018” се одржa на 7 октомври 2018 г. во спортската сала на ООУ “Добре Јованоски” во техничка организација на ЏК ”Сеишин”- Прилеп, а во соработка со Џудо федерацијата на Македонија.

На натпреварот учество пријавија следниве клубови: ЏК “Сеишин”– Прилеп, ЏК “Преспа” Ресен, ЏК “Миоки” – Скопје, ЏК “Пролетер” – Прилеп, ЏК “Ипон” – Скопје, ЏК “Пелистер” – Битола, ЏК “Алексинац”- Алексинац, Србија, ЏК “Вихрен”- Сандански,Бугарија, ЏК “Кастриоти” Урошевац – Косово, ЏК “Кожувчанка” – Кавадарци, ЏК “Дрим”- Струга, ЏК “Бушидо” – Прилеп, ЏК “Гладијатор”- Кочани, ЏК “Филипос”- Аминдео, Грција, ЏК “Работнички”- Скопје, ЏК “Ниш”-Ниш,Србија, ЏК “Шогун”- Ниш, Србија, ЏК “Велико Градиште“- Велико Градиште, Србија, ЏК “Оногошт”- Никшиќ, Црна Гора, ЏК “Чурин” – Битола, ЏК “Санкаку” – Прилеп, ЏК “Ираклис”- Солун, Грција и ЏК “Кастриоти”- Скопје.

На турнирот учествуваа вкупно 23 клубови од 6 држави (Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Грција, Бугарија) со 222 натпреварувачи, од кои 89 во женска и 133 во машка конкуренција.

Судии на напреварот беа Томче Јосифоски- раководител, Менде Илиоски, Мартин Јаковлески, Владимир Талески, Никола Велески,Златко Јолески, Драган Шеќероски и Златко Кочевски. Натпреварувачката комисија ја сочинуваа: Никола Божиновски – Председател, Дејан Џокоски, Ромео Рајков и Кире Милошески. Раководител на натпреварот беше Кире Милошески, а како официјални лица од ЏФМ присуствуваа Зегљул Реџепи – претседател,  Дејан Ширкоски- генерален секретар. Лекари на турнирот беа д-р Сашо Бојаџиев и д-р Миле Милошески

Организаторот-домаќин ги исполни очекувањата кои се бараа од Џудо федерацијата: обезбедено одлична сала со три борилишта, место за публиката (трибини) и посебни соблекувални. Натпреварите се одвиваа во добар натпреварувачки и спортски дух. Турнирот го отвори Илија Јованоски, градоначалник на општина Прилеп.

Постигнати резултати по категории:

помлади пионери   помлади пионерки  

пионери

пионерки

кадети

кадетки

ВО ПРИЛЕП СЕ ОДРЖУВА ТУРНИРОТ “ПРИЛЕП – ГРАД ХЕРОЈ 2018“

Во Прилеп се одржува 10. Меѓународен турнир во џудо „Прилеп град херој“ кој е организиран од страна на џудо клубот „Сеишин“ од овој град. На турнирот, кој е еден од најдобрите меѓународни турнири во Македонија и во регионот, учествуваат 22 клубови од 6 држави, со вкупно 220 натпреварувачи во машка и женска категорија.

Натпреварите се одржуваат во 3 старосни категории, помлади пионери и пионерки, постари пионери и пионерки и кадети и кадетки. Најголема масовност имало кај помладите пионери и пионерки.

Имаме клубови и гости кои традиционално доаѓаат кај нас и ние ги посетуваме нивните турнири, тоа се клубови од Црна Гора, Грција, Бугарија, Косово и Србија. Значи со нив имаме взаемна соработка, што значи ние учествуваме на нивните турнири и тие доаѓаат традиционално на нашиот турнир. Годинава има уште 3 нови клуба кои што за прв пат доаѓаат на овој турнир, затоа што гледаат, ги следат работите за квалитетот на турнирот и пројавија интерес и годинава за прв пат ќе земат учество, истакна Дејан Мицкоски, тренер на ЏК „Сеишин“.

Џудо клубот „Сеишин“ оваа година одбележува уште еден јубилеј, а тоа е 15 години од своето постоење. „Сеишин“ е еден од трите најдобри клубови во Македонија и досега има освоено над 750 медали на повеќе државни и меѓународни натпреварувања.

-Освојуваме се повеќе и повеќе медали на меѓународните првенства, годинава за прв пат имавме неколку втори места на Балканското првенство и во следниов период напорно ќе работиме, со тоа што ги зголемивме термините за тренинг, за успеси и на европско ниво. Прилеп и познат како најџудо град воопшто во Македонија. Зошто џудо, затоа што џудото помага при психофизичкиот развој на децата и џудо вежбаат од 7 до 77 години. Практично тоа го докажува и нашиот клуб, ние имаме ветерани од 70-годишна возраст, а веќе имаме и деца со 4 годишна возраст. Значи џудото не е само спорт, туку и начин на живот, додаде Мицкоски.

Клубот „КДД Вихрен“ од градот Сандански од Бугарија е еден од првите клубови кои тука доаѓаат секоја година од почетокот на турнирот.

-Ние доаѓаме тука секоја година уште од самиот почеток на овој меѓународен турнир. Многу ни се допаѓа организацијата, се дружиме со спортистите од Македонија и другите држави. Веќе има големи пријателства помеѓу децата, тие постојано се допишуваат и преку фејсбук. Ние како клуб постоиме веќе 40 години, учествуваме на државни првенства, имаме и светски шампиони од Сандански. За да се одржуваме во форма ги посетуваме сите вакви турнири во регионот и околните држави, рече Кирил Килев, тренер на „КДД Вихрен“ од Бугарија.

Еден од постојаните учесници на турнирот е и клубот „Кастриоти“ од Косово. Тренерот Агрон Красниќи вели дека ова е еден од најдобрите меѓународни турнири на Балканот. 

– Ова е 10-ти, јубилеен турнир кој се одржува тука во Прилеп кој го организира џудо клубот „Сеишин“. Ние учествуваме на турнирот од самиот почеток, ова е еден од најквалитетните турнири во регионот. Денеска настапуваме со 15 џудисти и се надеваме на голем успех. Овие турнири придонесуваат за поголема соработка помеѓу клубовите и размена на искуства, рече Агрон Красниќи, тренер на клубот „Кастриоти“ од Косово.

Учесниците на турнирот велат дека џудото станува се популарен спорт на Балканот, затоа што било здраво за психофизичкиот развој на децата.

-Ние сме прв пат на турнирот организиран од „Сеишин“, да ја прославиме 10 годишнината како што треба. Доаѓаме од Великo Градиште, град покрај Дунав, блиску до границата со Романија. Донесовме 14 деца и очекуваме голем успех на нашите деца. Имаме тука едно девојче кое е трето на Балканот, имаме два прваци на Србија во младите категории и се надеваме дека ќе го оправдаат својот статус кој го имаат моментално. Џудото станува се попопуларно, со оглед дека УНИЦЕФ го прогласи џудото за спорт број 1 за деца и млади до 21 година. Тоа е основа за сите останати спортови, вели Драган Лазаревиќ, од џудо клубот од Велико Градиште.

-Драго ми е што денес за прв пат учествувам на турнирот. Како што гледаме организаторот одлично припремил се за нас како тренери и натпреварувачи и драго ми што денес сме тука. Џудото е се попопуларно во Србија, наравно за тоа треба да се заблагодариме што имаме светски и европски прваци во претходната. Спортот се шири и во училиштата и драго ми е што ќе оствариме соработка меѓу клубовите на овој начин, што ќе дојдеме ние кај нив, па тие кај нас и на тој начин ги одржуваме пријателските односи на добро ниво и создаваме добра конкуренција меѓу младите натпреварувачи, кажа Бојана Станковиќ, тренер на ЏК „Алексинац“ од Србија.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, рече дека тие секогаш ќе го поддржуваат џудо спортот во рамките на нивните можности.

-Убаво е нашиот град да има еден ваков спортски клуб, како што џудо клубот „Сеишин“, каде што се јакни и развива спортскиот дух на младите генерации, каде што младите генерации се презентираат надвор од нашата земја. Исто така, ако се земат предвид и здравствените придобивки за овој спорт, сето тоа го заокружува спортот воопшто во градот, каде што водиме сметка за младината и спортистите. Сакам да упатам честитки до овој клуб, затоа што слави 2 јубилеи, едниот е 15 години од постоењето на клубот што посебно ме радува и честитам за тоа, како и 10-годишнина, една деценија од развој на турнирот „Прилеп град херој“, како традиционален меѓународен турнир во џудо, кој што и оваа година се надевам со успех ќе се организира, истакна градоначалникот Јованоски.

Упатувам посебна благодарност од Џудо федерацијата на Македонија од и до градоначалникот на Прилеп, кој секогаш е до нас, покрај нас и со нас на џудо настаните, како џудо федерација и џудо клубовите од Прилеп. Посебна благодарност и честитки за ваквата организација и за џудо клубот „Сеишин“, кој е еден од најмасовните клубови од Македонија и во однос на организација со децата како клуб и во џудо структурите на Џудо федерацијата на Македонија, кажа Зеглул Реџепи, претседател на Џудо федерацијата на Македонија.

Со организацијата на овој турнир џудо клубот „Сеишин“ уште еднаш докажа дека еден од најдобрите клубови во Македонија, а овој турнир едно од најатрактивните спортски случувања во регионот.

(текстот е преземен од порталот Инфо компас)

ХАМЗА ЈАШАРИ ЌЕ НАСТАПИ НА МЛАДИНСКИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО БУЕНОС АИРЕС

Македонскиот репрезентативец во џудо, Хамза Јашари е дел од македонската делегација која ќе учествува на третите Младински олимписки игри што од 6. до 18. октомври ќе се оддржат во Буенос Аирес.

Согласно распоредот на олимписките игри, Јашари ќе се појави на татамите веќе во недела, 7. октомври, за кога се закажани сите борби од оваа тежинска категорија.

По фантастичните резултати на Европското кадетско првенство каде заврши како трет, вторите места на кадетскиот куп на Африка и Европскиот кадетски куп во Фолоника, и освоениот златен медал од Европскиот кадетски куп оддржан во Загреб, кои и му ја донесоа олимписката „А“ норма, македонската јавност сосема оправдано очекува нов успех на Хамза Јашари.

ЏУДО ФЕДЕРАЦИЈАТА УЧЕСТВУВАШЕ НА „ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА СПОРТОТ“

Џудо федерацијата на Македонија учествуваше во реализацијата на настанот “Европска недела на спортот”. Главниот настан се одржа во саботата, на 29. септември, во спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

На овој настан, што беше во организација на Агенцијата за млади и спорт, Џудо федерацијата на Македонија имаше своја презентација, при што беа поделени преку 500 флаери со најбитните информации за џудото.


Џудо федерацијата на Македонија и се заблагодарува на Агенцијата за млади и спорт за дадената доверба, како и на џудо клубовите кои се одзваа на повикот и испратија свои спортисти активно да учествуваат во презентацијата, да разговараат со родители кои беа заинтересирани да добијат информации за џудо спортот и им поделија флаери.


Одбележувањето на овој настан помина во одлична атмосфера и многу родители добија првични информации за џудото во Република Македонија.

До следните успеси и активности спортски поздрав до сите џудисти, спортски работници и љубители на џудото!

ЏУДО ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА СЕ ВКЛУЧУВА ВО ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА СПОРТОТ

На состанокот во Агенцијата за млади и спорт беше договорено и Џудо федерацијата на Македонија да учествува во реализација на настанот “ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА СПОРТОТ” кој се организира во текот на оваа недела низ целата држава.

Главниот настан ќе се одржи в сабота, 29.09.2018 година во спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. На овој настан секоја спортска федерација ќе може да направи своја презентација.

Со оглед на тоа што и Џудо федерацијата на Македонија ќе учествува на оваа презентација, секој клуб кој е во можност треба да учествува со по 4 спортисти кои со себе ќе понесат кимоно, и најдоцна до 19 часот на 29.09.2018 година ќе треба да пристигнат во Спортско-рекреативниот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.

Спортистите на оваа презентација ќе ја презентираат Џудо федерацијата на Македонија и џудо спортот во Македонија.

Најдоцна до петок, 28.09.2018 до 16 часот, секој клуб кој може да земе учество да го потврди присуството на спортистите.

Џудо клубот „Сеишин“ ќе одржи презентација на џудото во Прилеп

Џудо клубот  „Сеишин“ од Прилеп е дел од проектот што се реализира во соработка со Агенцијата за млади и спорт, а во рамки на Европската недела на спортот. Тоа е повод во повеќе градови во Република Македонија да се организираат презентации на различни спортови.

Прилепскиот џудо клуб, согласно програмата утврдена во Агенцијата,  е задолжен да изврши презентација на џудо спортот на плоштадот во Прилеп. Настанот ќе се одржи в среда, 26. септември во периодот од 12 до 14 часот пред споменикот на Крали Марко.

Овој настан всушност се поврзува и со прославата на јубилејот – 15 години од формирањето и успешната работа на клубот.

ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО КЛУБОВИТЕ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ ПОДАТОЦИ

Согласно барањето од Агенцијата за млади и спорт, се известуваат сите клубови дека е потребно да достават ажурирана листа со нови информации и податоци:

  • последно одржано редовно годишно собрание на клубот,
  • листа на имиња на членови на Управен одбор на клубот,
  • актуелен претседател на клубот со контакт мобилен телефон,
  • секретар на клубот со контакт мобилен телефон,
  • е-маил пошта на клубот, претседателот и секретарот,
  • адреса и седиште на клубот.

Бараната ажурирана листа со нови информации и податоци да се достави најдоцна до 26. септември во електронска форма на е-маил адресата admin@judo.org.mk

Честитка за 8 Септември

Џудо федерацијата на Македонија на своите членови и на сите граѓани им го честита 8-ми Септември,  Денот на независноста на Република Македонија.