За ЏФМ

ЗЕЉУЛ РЕЏЕПИ ИЗБРАН ЗА НОВ претседател на ЏУДО ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

На вонредно изборно собрание на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ), Зељул Реџепи ја доби довербата на мнозинство делегати во наредниот период да ја води Федерацијата.

Во саботата, на 05 мај 2018 година во Прилеп се оддржа вонредно собрание на Џудо федерацијата на Македонија на кое присутните делегати му изгласаа недоверба на претседателот Филип Иванов, а по гласањето за прв човек на федерацијата беше назначен  Зељул Реџепи.

Во продолжение, беа назначени и членовите на останатите тела на Федерацијата.

На претседателот Реџепи и сите избрани членови им беше посакано успешно реализирање на сите проекти за развој и промоција на македонското џудо.

 

Филип Иванов – претседател на ЏУДО ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

На Изборното собрание на Џудо федерацијата на Македонија (ЏФМ), Филип Иванов ја доби довербата на мнозинство делегати и во четиригодишниот мандат ќе ја води Федерацијата.

Иванов е поранешен џудист на „Пелистер“ од Битола, во периодот од 1976 до 1985 година, каде што тренира кај мајсторот Ѓуро Илиќ. Потоа, поради обврски со студирањето ја менува средината и доаѓа во Скопје, но една повреда во 1985 година го оддалечува од татамито, односно од натпреварувањата.

Сепак, останува да се занимава со џудото, а пред изборот за претседател на ЏФМ е прв човек на ЏК „Миоки“ од Скопје, за што вели:

„Бев претседател на „Миоки“ во периодот кога ги постигнавме најголемите успеси во историјата на македонското џудо. Тоа ме поттикна да се канидирам за претседател на ЏФМ, како и унапредувањето на соработката со претседателот на Меѓународната џудо федерација и самата Федерација. Сознанието дека во Македонија има една генерација која е подготвена за врвни достигнувања и која ќе биде мотив за наредните генерации да ги надминат нивните успеси, дополнително ме мотивираше“.

Претседателот на ЏФМ како прва цел си го поставил зголемувањето на популарноста на џудото во Македонија.

„Ова мораме да го направиме, затоа што џудото во нашата земја го нема статусот како некои други спортови. Тоа заслужува да биде повеќе експонирано во медиумите и препознатливо меѓу луѓето,  бидејќи влијае врз комплетниот психофизички развој на една личност. Една од основните цели е отворање на веб-страница на Федерацијата. Потоа, изработка и реализација на ПР стратегија чија основна цел е зголемување на присутноста на џудото во спортските медиуми. Од друга страна, ќе гледаме да привелечеме што повеќе спонзори, за да се озбезбедат средства, и со оние од Агенцијата за млади и спорт (АМС) што ги добива нашата Федерација, ќе овозможат реализација на плановите за работа на ЏФМ“.

Во овој момент во нашата држава има млада и перспективна генерација која може да оствари добри резултати на меѓународен план, но тоа нема да може да се реализира без концепција на ЏФМ.

„Затоа ја спомнав програмата за работа. Таа ги содржи сите неопходни елементи за продолжување на нагорната линија на успеси на македонската репрезентација, но и нивната работа во матичните клубови. Ова подразбира заедничка стручна подготовка и работа со соодветните структури на ЏФМ. Вака концепираните работи ни даваат верба дека успесите од претходните години ќе бидат надминати. Ова посебно важи за кадетската и јуниорската селекција“.

Во овој момент во Македонија нема лига-натпреварување, затоа едно од прашањата кои се наметнуваат на ова раководство е дали ќе се воведе џудо лига.

„Првата година од моето претседателствување ќе биде посветена и на детална анализа за потенцијалот и можностите за формирање на лига, како еден од предусловите за постигнување на врвни резултати“.

Олимписките игри во Рио 2016 година влегоа во историјата на македонското џудо, бидејќи за прв пат настапи македонски џудист, Катерина Николоска. Таа  го обезбеди учеството преку вајлд карта. За овој циклус за ОИ во Токио 2020 Арбреша Реџепи користи олимписка стипендија. Сепак, вистинското прашање е дали за ОИ во Париз 2024 година нашите џудисти можат по регуларен пат да оставрат норми, па и да освојат медал, бидејќи имаме талентирана генерацаија која бара внимание.

„Да, ќе имаме! Во соработка со Македонскиот олимписки комитет (МОК) добивме една олимписка стипендија и сметам дека Арбреша е сериозен кандидат за ОИ во Токио“.

Се чини дека на ЏФМ и недостасува и поголем стручен кадар, затоа и стручното усовршување би било неопходно за успесите.

„Дел од програмата предивидува и стручно усовршување (џудо работилници, семинари) за тренери и судии, кои се составен дел на џудото. Во соработка со IJFи EJF ќе ги испраќаме и ќе организираме семинари, тренинзи, кампови и други видови на обуки. Ќе испраќаме тренери на курсеви што ги организираат овие институции на светско ниво. Една од најважните работи на едукацијата е и зголемувањето на транспарентноста на работата на стручните тела преку споделување на сите информации кои што стигнуваат од ЏФМ“.

Од една страна ЏФМ не може да се пофали дека во изминатиов период имаше добри односи меѓу чинителите на џудо спортот во нашата земја. Сигурно, дека оваа состојба не е помалку значајна од останатите и нејзино елиминирање.

„Примарна работа што ќе ја направам е да ги посетам сите клубови и со УО преку рагзовор да видиме кои се причините за негативното однесување. Ќе имаме практика на седниците на УО да присуствуваат и претседателите на клубовите, што се вклопува во моите планови за потранспарентно работење. А со дружење на луѓето да се надминат претходните негативни искуства. Се разбира, овој начин на работа подразбира поддршка и желба за соработка од сите засеганти страни, инаку се би било бессмислено. Во оваа прилика јавно ги поканувам сите заинтересирани да се вклучат во работата на ЏФМ. Една од задачите е и зголемување на членството, како во светски рамки“.