По иницијатива на ЏК „Пролетер“ од Прилеп, а во координација со спортскиот директор, м-р Ѓоре Мирчески и членот на Стручниот совет, Александар Ѓорѓиоски, на 14. февруари во Прилеп се одржа заеднички отворен тренинг.

Околу шеесетина џудисти од скоро сите возрасни категории од џудо клубовите „Пролетер“ и „Сеишин“ од Прилеп, „Преспа“ од Ресен, како и од „Кожувчанка“ од Кавадарци имаа несекојдневно спортско дружење и се стекнаа со нови натпреварувачки искуства за време на тренингот што го водеше проф. Славе Димитриоски.

Позитивните импресии од тренингот беа очигледни, сликовито пренесени со јасно изразени насмевки на изморените лица на џудистите и тренерите.

Практикувањето на ваквите заеднички тренинзи на џудо клубовите од државата, Џудо федерацијата го поздравува и се надева дека во иднина ќе премине во пракса со иницијатива на самите клубови, се до започнување и имплементирање на проектот „Хаџиме 2020 “.