Почитувани пријатели,

Џудо Федерацијата на Македонија осма година по ред активно ќе биде дел од глобалното одбележување на Светскиот ден на џудото, кој традиционално се прославува на 28. октомври – роденденот на основачот на џудото, Џигоро Кано. По овој повод, Џудо федерацијата на Македонија во недела, 28. октомври, ќе организира настан на кој заеднички ќе тренираат и ќе ги претстават своите вештини џудисти од повеќе македонски џудо клубови.

Идејата за заедничкиот настап на џудистите од македонските клубови е во согласност со овогодинешната тема за Светскиот ден на џудото – Пријателство. Иако џудото е боречки спорт, секојдневно, за време на тренинзите, натпреварите, како и секој 28. oктомври, на татамите и надвор од нив, ние џудистите докажуваме дека „џудото е повеќе од спорт“, дека преку џудото е можно да се живее заедно, во единство и пријателство, и што е најважно со почит едни спрема други.

Годинашната тема е само продолжение на кампањите преку кои се промовираат вредностите кои ги носи џудото, како што се чест, истрајност, џудо за сите, почит… Овој ден е посветен на сите љубители на џудото, на тренерите, џудистите, како и на сите оние кои со страст, посветеност и љубов го тренираат и промовираат овој олимписки спорт. Денес, повеќе од 20 милиони луѓе ширум светот секојдневно тренираат џудо, а бројот на оние кои практикуваат џудото во Македонија и во светот постојано се зголемува. Меѓународната Џудо Федерација на Џудо брои 200 земји-членки.

Во духот на годинашната тема, во име на пријателството кое го промовираме, голема чест и особено задоволство ни е да Ве поканиме да бидете дел од заедничкиот тренинг, што ќе им даде дополнителни мотив и поддршка на македонските џудисти, да продолжат напорно и истрајно да тренираат, да ги подобруваат своите резултати и успешно да ја претставуваат Македонија на меѓународните натпревари. Во насока на Вашето вклучување во одбележувањето на Светскиот ден на џудото преку земање активно учество во самиот настан, Џудо федерацијата на Македонија Ве повикува задолжително да го понесeте и Вашето кимоно.

На настанот е предвидено да присуствуваат високи гости од државниот естаблишмент, амбасадори, претставници од бизнис заедницата и останати гости.

Настанот ќе се одржи во спортската сала Македонско сонце, во oсновното училиште „11 Октомври“, општина Центар, Скопје, на 28 октомври 2018 (недела) со почеток во 12 часот.

Ве молиме да го потврдите Вашето присуство на настанот најдоцна до 26 Октомври 2018 (петок) на емаил: office@judo.org.mk

Со почит,

Зегљуљ Реџепи
Претседател на Џудо федерација на Македонија